• понеделник, 23 декември 2024

Владата ги утврди измените на Законот за медиуми за поддршка на печатените медиуми

Владата ги утврди измените на Законот за медиуми за поддршка на печатените медиуми

Скопје, 6 март 2024 (МИА) - Владата на Република Северна Македонија, на синоќа одржаната 9. седница, го утврди текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми со кои се предвидува поддршка на националните весници во вид на еднократна финансиска помош што печатените медиуми би ја добивале од страна на Владата.

Како што соопштија од владината прес-служба, меѓу клучните цели на измените и дополнувањата е поддршка на националните весници кои имаат сериозни проблеми со големите трошоци за печатење и дистрибуција, како последица на високата цена на хартијата и на зголемувањето на цените на горивата, а имајќи предвид дека медиумите имаат голема улога во развојот на демократските капацитети на државата, унапредувањето на економијата, развојот на етичките норми и стандарди на новинарството, придонесот кон отворање дебати за прашања од јавен интерес.

-Со измените и дополнувањата, како што е образложено од предлагачот, Министерството за информатичко општество и адиминистрација, се уредуваат: еднократна финансиска помош што печатените медиуми би ја добивале од страна на Владата на Република Северна Македонија; начинот на објавување на јавниот повик до печатените медиуми, како и процентуалниот износ којшто Владата ќе го покрие во делот на трошоците за печатење и дистрибуција на весниците; правото на учество и условите коишто треба печатениот медиум да ги исполнува; а се предвидува и основање Комисија којашто е надлежна да одлучува по однос на поднесените барања.

Владата и досега ги поддржуваше печатените медиуми преку донесување Програма за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми. Но, со денеска утврдениот текст на Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми, ова прашање се предлага да се уреди преку системско решение, како дел од Законот за медиуми. Предлог текстот се испраќа на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија. вг/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан