• петок, 22 ноември 2024

Одбиено барањето на одбраната на сопственикот на „ДоказМ“ за изземање на скопското ОЈО

Одбиено барањето на одбраната на сопственикот на „ДоказМ“ за изземање на скопското ОЈО

Скопје, 7 март 2023 (МИА) - Вишото јавно обвинителство го одби барањето на одбраната за изземање на сите обвинители од скопското Јавно обвинителство поради можноста да се јават како оштетени во постапката што се води против обвинетиот Марјан Стаменковски, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост „ДоказМ“, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела.

Како што потврдија од ОЈО за МИА, барањето е одбиено, а застапник на обвинението останува обвинителката Зорица Павловиќ од скопското Обвинителство.

Денешното насрочено рочиште е одложено за 10 март, токму поради ова барање за кое Судот одлучи да чека на одлуката на Вишото јавно обвинителство.

На почетокот на првото насроченото рочиште денеска јавната обвинителка Зорица Павловиќ предложи до Судот јавноста да биде исклучи од отворањето до крајот на главната расправа, бидејќи, како што рече, „се работи за кривични дела против моралот, а исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците“. Судот го прифати овој предлог и донесе решение за исклучување на јавноста.

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка поднесе обвинителен предлог против Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и „злоупотреба на лични податоци“.

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал. Меѓу пријавите има и две новинарки од неделникот „Фокус“ и од еден владика.

На денешното рочиште беа присутни оштетените Валентина Вурмо, Ирена Мулачка, Александра Милчевска, Марина Јовановска, Блерим Рамадани и Роберт Петров. Вурмо и Мулачка, по одложувањето на процесот, во изјава за медиуми рекоа дека очекуваат дека правдата ќе биде задоволена.

Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Зорица Павловиќ. ар/сп/

Остани поврзан