Вицепремиерот Маричиќ продолжува со поддршка на социјално ранливите групи
- Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ продолжува со поддршка на социјално ранливите и маргинализирани групи, кои сакаат да направат позитивна промена преку работен ангажман.
Скопје, 29 август 2022 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ продолжува со поддршка на социјално ранливите и маргинализирани групи, кои сакаат да направат позитивна промена преку работен ангажман.
На иницијатива на вицепремиерот Маричиќ, како што информираат од неговиот Кабинет, денеска во Секретаријатот за европски прашања на гости со списанието „Лице в лице“ дојде продавачот Кристијан Марковски – Кико.
Целта на иницијативата, како што се посочува во соопштението, е да се земе учество во поддршката на ваквиот вид социјално претприемништво и да се поддржи интеграцијата на лицата од маргинализираните и ранливи групи на општеството.
- Нашето дружење продолжува, а јас и моите колеги во Секретаријатот имавме можност да си купиме примерок од списанието и со тоа да го поддржиме овој модел на социјално претприемништво, вели вицепремиерот Маричиќ.
Според него, инклузивноста на маргинализираните и ранливите групи во општеството е европска вредност која треба ја споделуваме и ние. - Давањето поддршка на ранливите групи, особено за нивното економско зајакнување и овозможување достоинствен живот за нив е наша должност. Секој чекор кон нивна поддршка е чекор напред за општеството, смета Маричиќ. дма/аа/