• недела, 22 декември 2024

Вицепремиерот Битиќи и министерот Николовски на увид во завршните работи на браната „Конско“ кај Гевгелија

Вицепремиерот Битиќи и министерот Николовски на увид во завршните работи на браната „Конско“ кај Гевгелија

Гевгелија, 18 декември 2023 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за економски систем, Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска извршија увид на завршите работи од изградбата на најзначајниот и најголем водоснабдителен проект Браната „Конско“ кај Гевгелија. Градежните активности треба да завршат до крајот на овој месец и по тестирањата на системите претстои официјалното пуштање во употреба на овој важен водостопански објект.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека според динамиката на работите на инсталацијата на цевководот и хидромеханичката опрема во тунелот и другите пропратни работи, финализацијата на изградбата може да се очекува идната пролет.

-Со доаѓањето на оваа Влада во 2017 година една од нашите главни заложби беше да создадеме конкурентно земјоделство, кое ќе резултира со зголемување на производството на храна, а тоа пак ќе има импакт и врз регионалниот економски развој кој Владата го стимулира и преку финансиска поддршка на новите инвестиции. Тука не завршува нашата грижа за земјоделците. Со новиот пакет анти-кризни мерки предвидена е авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството, за што се предвидени 8,1 милиони евра, рече Битиќи.

Министерот Николовски посочи дека браната „Конско“ е целосна инвестиција на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вредна 40 милиони евра, што претставува и најголем капитален водостопански објект во последните 50 години.

-Изградбата на браната „Конско“ е важен проект во развојот на македонското земјоделство, во наводнувањето на земјоделските површини, но важна и за развој на туризмот и јакнењето на економијата во целиот регион. Преку нов систем за наводнување и вештачко езеро со браната „Конско“ за 5 пати го зголемуваме наводнувањето на земјоделските површини, со капацитет за наводнување на 8.000 хектари плодно земјиште. Ја обезбедуваме во целост потребната вода за наводнување на земјоделските површини во текот на целата година за 6.500 хектари земјоделско земјиште во јужниот дел од државата.Овој голем капитален проект го поттикнува развојот на земјоделството, влијае врз развојот на економијата во Општина Гевгелија, и унапредувањето на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните од целиот овој регион, рече Николовски.

Додаде дека покрај наводнувањето на земјоделското земјиште, од оваа акумулација се обезбедува и редовно снабдување со вода за пиење, за производство на електрична енергија и што е најзначајно се обезбедува вода за дотур во Дојранското Езеро.

Оваа година Министерството со буџет од 884,9 милиони денари ги продолжи проектите со изградбата на браните „Речани“ и „Равен“, изградбата на трета фаза од Јужновардарска долина и малите системи за наводнување во Конопница и Теарце, а се завршени системите Чаушица, Славишко поле, Пишица и Зајас. рт/дма/

Фото: МЗШВ

Остани поврзан