• сабота, 21 декември 2024

Висла се солидаризира со навивачите и најави бојкот на финалето во полскиот Куп

Висла се солидаризира со навивачите и најави бојкот на финалето во полскиот Куп

 

Варшава, 5 април 2024 (МИА) – Казната за навивачите на Висла Краков од минатата сезона го засени годинешното издание на Купот на Полска.

Полскиот второлигаш Висла Краков се закани дека ќе го бојкотира финалето на полскиот Куп доколку на нивните навивачи им биде забрането да дојдат на финалето во Варшава, најави денеска претседателот на клубот Јарослав Кролевски.

Висла дојде до финалето со победата од 2-1 над премиерлигашот Пјаст Гливице во средата, но прославата беше засенета поради забраната на навивачите на клубот од Краков. Инцидентот датира од минатогодишното издание на Купот кога навивачите на Висла фрлија на теренот факели при поразот од Мотор Лублин, а клубот од Краков беше казнет со забрана навивачите да присуствуваат на три натпревари на гости.

Висла оваа сезона одигра пет натпревари на домашен терен за да стигне до финалето и сè уште нема отслужено ниту еден натпревар суспензија, а финалето ќе се игра на 2 мај против Погон Шчечин во Варшава.

„Висла Краков нема да игра во финалето на Националниот стадион доколку нашите навивачи не се појават на трибините“, објави Кролевски на социјалната платформа Икс.

Од клубот соопштија дека поднеле жалба до Фудбалскиот сојуз на Полска (ПЗПН).

Претседателот на ПЗПН, Цезари Кулеза, рече дека Федерацијата „внимателно ќе ја анализира и правично ќе ја оцени жалбата“. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан