Видео надзор ставен во функција на спортските терени во Велес
- Општина Велес го стави во функција 24-часовниот видео надзор поставен на спортските комплекси во ООУ „Васил Главинов" и СОУ „Гимназија Кочо Рацин", населба „Тунел“ и населба „Дворови“, информира градоначалникот Марко Колев.
Велес, 15 август 2025 (МИА) – Општина Велес го стави во функција 24-часовниот видео надзор поставен на спортските комплекси во ООУ „Васил Главинов" и СОУ „Гимназија Кочо Рацин", населба „Тунел“ и населба „Дворови“, информира градоначалникот Марко Колев.
- Со оваа инвестиција ќе ја заштитиме урбаната опрема во градот од вандалски однесување на поединци и групи, најави Колев.
Од Општина Велес појаснија дека несовесните хулигани, а кои најчесто во вечерните часови ја кршат и демолираат новопоставената урбана опрема и целосно ги уништуваат спортските терени од тартан, со возење мотори и други возила. Тие најавија дека со увид на сторителите со доказ преку снимка ќе бидат пријавени во полиција и очекуваат тие најстрого да бидат санкционирани и казнети, а согласно законските одредби.
Инаку граѓаните на Велес во разговор за МИА го поздравија ставањето во функција на видео надзорот на спортските терени и детските игралишта во градот и бараат од локалната власт и полицијата вандалите кои ја уништуваат, веднаш да се спречат од полицијата и најостро да се казнат во судовите.
Тие со години бараа од локалната власт поставување на видео надзор, а тоа го бараат и новинарите, но тогашната локална власт тогаш се правдаше дека Општината не може да постави видео надзор затоа што согласно законот им се кршела приватноста на граѓаните.
Од Општина Велес потсетуваат дека урбаната опрема е набавена со буџетски пари на општината собрана од даноците на граѓаните и треба да им служи на сите граѓани.
Тие потенцираат дека со ставање во функција на видео надзорот очекуваат и конечно решавање на еден голем горлив проблем на општината и со тоа очекуваат и помала материјална штета и помалку издвоени средства за повторна реконструкција на демолираите спортски терени во градот.
Надлежните од општината досега секоја година издвојуваа поголеми суми општински пари за обновување на демолирани и целосно и делумно оштетени спортски терени и детски реквизити поставени на јавните површини, парковите и спортските терени и игралишта во Велес.
Од локалната власт најавија поставување видео надзор и во останатите паркови и спортски терени и игралишта во градот. ад/рп/
Фото: Општина Велес