Венценосецот Штрпка за МИА: Струшките вечери на поезијата се доказ дека на поетската реч не смееме да ѝ поставуваме граници
- Струшките вечери на поезијата се доказ дека на поетската реч не смееме да ѝ поставуваме граници. Без поезија нема ниту вистинска демократија. Поезијата е најдобриот начин да сфатиме дека она што нè зближува е духовното и хуманото, истакнува во интервју за МИА добитникот на највисокото признание на „Златен венец“ на 64. издание на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата, словачкиот поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка.
Струга, 24 август 2025 (МИА)
Слаѓана СТОЈКОВА КОСТОСКИ
- Струшките вечери на поезијата се доказ дека на поетската реч не смееме да ѝ поставуваме граници. Без поезија нема ниту вистинска демократија. Поезијата е најдобриот начин да сфатиме дека она што нè зближува е духовното и хуманото, истакнува во интервју за МИА добитникот на највисокото признание на „Златен венец“ на 64. издание на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата, словачкиот поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка.
Тој вели дека во Словачка ќе го пренесе нашиот пример дека отвореноста не мора да се прокламира со политички девизи, туку дека постои еден подобар начин што може да нè направи подобри луѓе.
Добивањето на „Златниот венец“ го сфаќа како потврда на личниот влог, но и признание на вредноста на целокупната словачка поезија. Среќен е, вели, што се вброи во листата брилијантни поети, добитници на наградата, од кои дел и лично ги познава. При тоа изразува уверување дека токму оваа награда ќе ѝ помогне на словачката поезија да стане попрепознатлива, да ги разотвори хоризонтите уште повеќе и да биде побарана и почитана во светски рамки.
Со објавувањето на тројазична луксузна монографија со изборот од неговата поезија, смета дека Струга ја исполнува својата мисија во афирмација на високото културно ниво на македонскиот јазик.
До поетите упати порака да останат тоа што се, бидејќи, како што подвлече, поетската енергија што се шири од Струга ги зближува луѓето и народите.
Добитник сте на највисокото признание на СВП, со тоа се вброивте во низата на светски поетски великани. Што значи за вас „Златниот венец“ и какво е чувството да сте носител на највисокото признание на Меѓународниот поетски фестивал?
-Најблагодарното нешто што го носам од Струга е што ме удостоивте токму јас да го добијам Златниот венец и да се вбројам во одличната листа на светски поети од кои повеќето беа и мои пријатели. Лично не се сметам за великан, но несомнено наградата ја толкувам како голема почит, не само кон мојата лична авторска поетика, туку воедно ја доживувам и како доблест и како едно специјално достигнување и за словачката поезија воопшто во меѓународни рамки.

СВП издаде луксузна монографија со избор од вашата поезија преведена на македонски и англиски јазик. Какво значење има за вас оваа книга?
- Со посебен респект го примам ова издание, бидејќи Струга, т. н. поетска република во Македонија е можеби и една од оние последни оази, исклучителни места во денешниот турбулентен свет каде што навистина се негуваат хуманите вредности на културата. Изданието ми е особено драго, бидејќи фестивалот има сјајна и долга историја, а оваа монографија се вмрежува во редот на истата едиција на добитници на „Златниот венец“ во која во минатото беа објавени многу значајни светски поети што постепено го избиструваа и го профилираа во извесна смисла и мојот стил на уметничка креација. Чувствувам милост во душата, а на книгата гледам како на ексклузивен дар. Ова е проект што метафорично сведочи за еден обостран пат. Фестивалот и со ваков издавачки модус им се оддолжува на поетите, а поетите со своето присуство му го враќаат реципрочно благородниот долг на фестивалот. Благодарноста е значи заемна, меѓусебна. Фестивалот им се оддолжува со вакво луксузно издание на поетите добитници на „Златниот венец“, а истите тие поети со ваквото елитно издание го шират фестивалското послание и порака не само во своите матични држави, туку и низ другите меридијани низ светот. Книгата има и материјална и симболичка тежина, а најважен е притоа фактот што моите песни (од словачкиот оригинал) проблеснуваат низ прекрасните преводи на македонски и англиски јазик. Бескрајно сум му благодарен на Звонко Танески за извонредниот превод на моите стихови на македонски јазик. Овој негов превод испраќа една мошне прецизна и стручна порака за и од моето творештво и за македонската публика. Струга така ја исполнува својата мисија многу посветено години наназад и мило ми е што таквата мисија не згаснува, туку напротив продолжува да оди во нагорна насока.
Можете ли поконкретно да ни ја објасните таа мисија?
- Нивната мисија ја гледам првенствено низ призмата на јасното огледало што организаторите на фестивалот го поставуваат пред себеси како главна цел со тоа што прават строг и квалитетен избор од најдоброто што се објавува и што актуелно се случува во светската поезија денес. Не само што го восприемаат тековниот пулс на поетската реч во светски рамки, туку меѓу првите објавуваат и вакви репрезентативни преводни изданија со што го афирмираат и високото културно ниво на македонскиот јазик, бидејќи и јазикот на преводите со својата иманентна вредност претставува значајна реклама и успешна стратегија за афирмација и презентација и на вашата македонска преведувачка и културна дејност во светот.
Каква е перцепцијата во поетската фела во Словачка за ова признание?
- Свеста за фестивалот СВП во Р. Словачка постои одамна. Во нашата културна фела и во филолошката академската средина луѓето знаат дека постои овој фестивал и го следат неговиот развој уште од минатото, од периодот на поранешните федерации Чехословачка и Југославија. Струга нуди на едно место простор за етаблирање и прифаќање на различни начини на пишување, единство на различните гласови. Уникатна е бидејќи преферира различни стилови и ги спојува во една целост. Приматот не е толку ставен врз вкусот, колку што е ставен врз естетското мерило како одлучувачка категорија. Така се постигнува најпосле тоа што никој не може да ја оспори пишувачката вредност на разните релевантни поетски платформи и светогледи. Посебно ми е драго што сум дел од таквиот значаен мозаик. Иако сум само едно мало делче во мозаикот, ама и без него, ете, сликата не би била комплетна.
Што ќе понесете од Струга, какви Ви се импресиите во врска со чествувањата?

- Моите импресии се без исклучок најпозитивни. Најголемата придобивка е што ќе можам по враќањето да предочам пред словачката културна јавност дека бев почестен што станав прв словачки поет добитник на Златниот венец и затоа ние во Словачка треба да бидеме неизмерно благодарни што моето име и словачката национална поезија се впишува во редот на светските значајни имиња кои оставиле траен белег во светската поетска ризница. Токму затоа и словачката јавност треба да биде детално запознаена и горда на тој факт. Во Словачка, секако, постојат и други поети кои заслужуваат внимание, но токму јас, еве, ја имав привилегијата да го добијам Златниот венец, кој го сфаќам како потврда на личниот влог, но и како признание на вредноста на словачката поезија целокупно. Златниот венец така го толкувам не само како мое признание, туку и како препознаен вредносен репер на сета современа словачката поезија. Верувам дека наградата „Златен венец“ ќе ѝ помогне на словачката поезија да стане попрепознатлива, да ги разотвори хоризонтите уште повеќе и да биде уште повеќе и барана и читана во светски рамки. Наградата несомнено ни ги отвора вратите за натамошна афирмација на словачкото поетско писмо во иднина во меѓународни рамки.
Словачкиот и македонскиот јазик, иако мали јазици дале големи и значајни дела. Колкаво е значењето на „малите јазици“ во светскиот мозаик?
- Значењето на нашите „мали јазици“ (според бројот на говорители) е од исклучителна важност за опстојувањето на стабилноста на денешниот свет. Често сме сведоци на империјален притисок на големите јазици. Моментално доминира англискиот јазик, но порано, во периодот на социјализмот, во Словачка моравме да го учиме и познаваме и рускиот јазик, некаде пак биле принудени да пишуваат исклучиво француски и сл. Токму нашите „мали“ јазици го шират и го расејуваат семето на познанието што нуди нови плодови, што го оживува нашето битие и продира во суштината на проблемите што го потиштуваат денешниот свет. Нашите „мали“ јазици се творечки способни и допрва да се развиваат и да изнајдуваат нови стилски можности за изразување.
Ние никогаш сме немале потреба да наредуваме некому да го учи нашиот јазик, но токму фактот што никој не мора наметнато да ни го учи јазикот во поширокиот свет нуди своевремено и извесна и мошне потребна свежина во светската општа јазична мапа, тоа впрочем и нè потврдува како луѓе. Токму малиот јазик е оној ветер потребен и речиси нужен да го разбранува таквото семе на познанието за потоа и големите јазици да сфатат и да признаат дека постојат и други подеднакво добри, можеби и поиновативни од нив, што го заслужиле своето место на широката мапа и затоа веќе никој и не може да нè игнорира. Малиот јазик е придобивка бидејќи ги освежува подзастоените води на империјалното, разбранува и носи еден нов живототворен ветер, вдахнува енергија, а без таквата енергија не можеме ни да егзистираме.
Вторпат сте на Струшките вечери на поезијата. Кои се вашите импресии за македонската поезија, историја, традиција, за Македонија и Струга?

- За време на кратките престои тука, се разбира, видов и сфатив кон што се стреми Македонија. Мене ми е недвосмилено блиска македонската историја, токму овој простор околу Охридската книжевна школа е лулката на словенството, а во традицијата на кирилометодиевското наследство се наоѓаат и изворите на мојот национален јазик. Во таа смисла, добро е што се одржува, се негува и активно се поддржува ваква институција како што се СВП, бидејќи СВП се доказ дека на поетската реч не смееме да ѝ поставуваме граници. Без поезија нема ниту вистинска демократија. Ќе бидам уште посреќен ако и во мојата држава, Словачка, во иднина демократските начела станат уште поразвиени. Ќе го пренесам примерот оттука дека токму отвореноста не мора да се прокламира со политички девизи, туку дека постои еден подобар начин што може да нè направи подобри луѓе за да сфатиме, конечно, дека она што нè зближува е духовното и хуманото.
Што е заедничко меѓу Македонија и Словачка и меѓу двата јазици?
Тоа е старословенскиот јазик. Ја имаме истата основа од која подоцна се стандардизираат посебните словенски јазици. По падот на Велика Моравија, учениците на светите браќа Кирил и Методиј се вратиле на овие простори да ја шират и натаму мисијата на описменување на Словените. И ние сме Словени во Словачка. Тоа е причината што нè прави уште поблиски и со право нè убедува дека е и пожелно и нужно да ги продлабочуваме врските, да проникнуваме елоквентно низ слоевите што нè зближуваат и да се откриваме себеси преку поуките од минатото, но истовремено да ги апсорбираме и некои од новите предизвици, да наоѓаме дополнителни алки што ќе нè водат низ денешниот модерен европски и светски пат, бидејќи во суштина делиме и слична судбина.
Каква порака ќе испратите од градот на поезијата и мостовите?
- Мојата порака е да не се плашиме, да бидеме и да останеме поети, бидејќи поетската енергија што ја шириме овде од Струга ги зближува луѓето и народите. Поетот е медијатор кој ги пренесува пораките од овие собири и зацртува патоказ што ќе нè доведе до постигнување на подобра и поголема толеранција меѓу нас самите во животот што денес не е никаде ни најмалку едноставен. Не треба никогаш да дозволиме да ни згасне поетскиот оган во себе.
Какво е Вашето место во словачката литература?
Непријатно ми е да зборувам за себе и за местото што го имам во историјата на словачката поезија, таквата задача им ја препуштам подобро на критичарите и на книжевните научници. Сега постојат и други автори од помлади генерации. Јас го одам својот пат и под делумно влијание и на некои постари странски поети суштината на моето творештво стана трчањето, движењето што нè поместува и нè тера да напредуваме за да не останеме закоравени на едно место. Јас се гледам себеси како еден од живите поети на Словачка кој успеа да ја доживее славата од вакви големи размери, благодарение и на доделениот „Златен венец на поезијата“ во Струга. Ова е привилегија што не можат да ја достигнат сите автори и во таа смисла сум и скромно покорен што сум уште жив и никому не му го наметнувам својот стил на пишување. Благодарен сум што имам уште сила и можност да творам. Ако престанам да творам, можеби веќе ќе престанам и да живеам.

За крај дали имате нешто да додадете?
- Уште еднаш искрена благодарност за доделената награда и за Вашиот пројавен интерес да ја пренесете мојата уметничка порака и адекватно да го валоризирате и да го вреднувате моето поетско творештво. Повторно би го потенцирал, и на крајот, неспорниот факт дека Златниот венец во Струга го добиле брилијантни поети од светски рамки, кои ми беа и лични пријатели и затоа ми е мило што го разбујнувам елитното струшко стебло на ова благородно место во Паркот на поезијата. Сигурно ќе настојувам да го ширам струшкото послание и понатаму на словачка територија и другаде.
Фото: МИА