Венко лажеше за мигрантите, се докажа дека лаже и води манипулативна политика, вели Мицкоски
- Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека во изминатиот период земјава била изложена на опозициска кампања дека се договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство, која вчера била демантирана од британската дипломатија. Со ова, потенцира премиерот, паѓа целата конструкција што опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче со месеци се обидувале да ја наметнат во јавноста и оти водат манипулативна политика.
Скопје, 8 март 2026 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека во изминатиот период земјава била изложена на опозициска кампања дека се договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство, која вчера била демантирана од британската дипломатија. Со ова, потенцира, паѓа целата конструкција што опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче со месеци се обидувале да ја наметнат во јавноста и оти водат манипулативна политика. Ова, нагласува, тој, е еден длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување на Венко Филипче.
-Во изминатите месеци јавноста во Македонија беше изложена на една упорна и агресивна кампања дека државата наводно тајно договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство. Се ширеше теза дека зад стратешкото партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство постои наводен „таен договор“. Упорно и без трошка совест се создаваше впечаток дека Владата нешто крие од граѓаните. Се ширеше страв дека Македонија ќе станела камп за мигранти. Оваа теза се повторуваше од ден на ден. Се повторуваше на прес-конференции. Се повторуваше во изјави. Се повторуваше како да е факт. Друти и најавуваа протести. Вчера добивме јасен и недвосмислен одговор. Од британската дипломатија. Британскиот амбасадор Метју Лосон јавно и недвосмислено кажа: таков договор не постои и никогаш не постоел. Нема договор. Нема преговори. Нема центри за мигранти. Фактите се јасни, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Со ова, додаде тој паѓа целата конструкција што со месеци опозицијата се обидувала да ја наметне во јавноста.
-Со месеци се пласираше приказна без ниту еден документ. Без ниту еден доказ. Без ниту една официјална потврда. Имаше само шпекулации. Имаше само сензационализам. И имаше политичка желба да се создаде паника кај граѓаните. Денес, кога вистината е јасна и кога демантот дојде, станува очигледно дека јавноста била изложена на една безобразна политичка конструкција во низа, потенцира Мицкоски.
Проблемот, вели тој, е многу поголем од оваа конкретна тема, бидејќи, како што нагласи овва не е изолиран случај.
- Ова е еден длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување на Венко Филипче. Гледаме една иста шема која се повторува. Првоо се фабрикува сензационалистичка приказан, потоа се создава медиумска паника, а кога фактите ќе ја разобличат приказната, темата едноставно исчезнува. Нема извинување. Нема одговорност. Само премин на следната конструкција. Го видовме тоа и во други случаи. Го видовме кога се создаваше паника дека институциите наводно молчат за запленетата дрога во Србија. Се зборуваше за заташкување и скандал уште пред да се утврдат фактите. Потоа се покажа дека институциите работеле на случајот од самиот почеток. Го видовме и кога се пласираа апокалиптични бројки за пожарите и се тврдеше дека државата е уништена. Се ширеше впечаток дека Македонија е во катастрофална состојба. Потоа се покажа дека бројките се далеку поинакви. Го видовме и кога се тврдеше дека нема средства за пензии и дека Владата не обезбедила финансии за пензионерите, рече Мицкоски,
СДСМ, вели тој, е упорна во својот деструктивен модел да ја киднапира Македонија за да се спаси себе си.
-СДСМ денес е претворена во една бледа копија и фабрика за создавање политичка паника. И знам дека нема да се извинат, знам дека ќе продолжат по старо. Мене ми е најлесно да ја терам наполеоновата позиција која вели „никогаш не го прекинувај противникот кога греши“, но нам ни е потребна сериозна и силна опозиција, а не оваа приватизирана, бизнис опозиција со проблеми со моралот и држење до зборот, рече Мицкоски.
За жал, додава тоа се истите луже кои со години ги лажеле граѓаните со редици лаги, лажни ветувања.
-Да не се навраќаме на Гугл и Фејсбук дека ќе отворале центри во Македонија, па жицата македонска им свирела и името немаше да го менуваат, па аеро ќе донесеа во Аеродром, ќе ја донеселе формула во Македонија, денес на пресови бројат тендери, а не кажуваат каде е криминалот зошто распишување на тендер не е криминал, нои крадење од државата какво имаше во нивно време е тежок криминал... тоа се тие истите луѓе кои со лаги сакаат да освојат гласови и да се вратат на власт. Македонија памети и никогаш нема да им заборави, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој реагира и на како што вели, злоупотребата на трагичниот случај во карпош за дневно политички цели.
-Во пресрет на 8 март – Денот на жената, претседателката на Форумот на жени на СДСМ, одржува прес-конференција на која трагедијата во Карпош, во која животите ги загубија мајка и нејзината малолетна ќерка, беше искористена како повод за дневнополитички напади. Никој во оваа држава нема право човечката болка и трагедијата на едно семејство да ги претвора во сцена за политички поени. Особено не во денови кога целото општество треба да зборува за достоинството, безбедноста и почитта кон жените. Начинот на кој функционерите на СДСМ настапуваат во јавоста во последниот период се повеќе наликува на затворен секташки круг, вели тој.
Нагласува дека сериозно се загрижени за состојбите во СДСМ и нејзиното раководство.
-Наместо аргументи, гледаме нервоза. Наместо политика, гледаме паника. Наместо одговорност, гледаме очајнички обиди трагедиите да се претворат во политичка платформа. Стравот од политичка реалност и одговорност за состојбите што ги оставија зад себе очигледно ги турка во состојба на забеганост, вели Мицкоски.
Свесен, како што рече, за сериозноста на предизвиците, тој истакна дека живееме во неизвесни, турбулентни, тешки, предизвикувачки, можеби и историски времиња и притоа им заблагодари на граѓаните за нивната поддршка и за тоа што ги отфрлиле овие хистерични обиди за создавање паника од страна на опозицискиот СДСМ. дј/
Фото МИА