• понеделник, 23 декември 2024

Венбин: Кина изразува сериозна загриженост за делумното уништување на браната во Нова Каховка

Венбин: Кина изразува сериозна загриженост за делумното уништување на браната во Нова Каховка

Пекинг, 7 јуни 2023 (МИА) - Кина ја изрази својата „длабока загриженост“ по делумното уништување на украинската брана Каховка, што предизвика поплави долж реката Дњепар и ги зголеми стравувањата од хуманитарна катастрофа, пренесуваат француските медиуми.

Нападот, за кој меѓусебно се обвинуваат Москва и Киев, доведе до поплави на многу градови и евакуација на илјадници лица, што предизвика меѓународен гнев.

-Ја изразуваме нашата длабока загриженост за оштетувањето на ѕидот на браната на хидроцентралата Каховка, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин на редовната прес-конференција, нагласувајќи ги „последиците што произлегуваат за луѓето, економијата и животната средина“.

„Ги повикуваме сите страни во конфликтот да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да направат се што е можно за да го заштитат цивилното население и цивилните објекти“, додаде тој.

Според украинските власти, во оваа фаза се евакуирани повеќе од 17.000 луѓе, а поплавени се 24 населби.

Со тврдењето дека е неутрална во конфликтот, Кина повикува на почитување на суверенитетот на сите земји, вклучително и на Украина, но никогаш јавно не ја осуди воената интервенција во оваа земја што ја почна рускиот претседател Владимир Путин. сд/

Остани поврзан