• понеделник, 25 ноември 2024

Велика Британија почнува информативна кампања за запирање на бранот албански мигранти преку Ламанш

Велика Британија почнува информативна кампања за запирање на бранот албански мигранти преку Ламанш

Лондон, 28 мај 2023 (МИА) - Британската влада започна информативна кампања чија цел е да го запре мигрантскиот бран кон островот преку Англискиот Канал (Ламанш), јави ДПА. Пораката на иницијативата е дека луѓето кои одат на такво патување „преземаат ризик да бидат приведени и отстранети“, додава агенцијата.

Министерството за внатрешни работи не даде детали за сумата потребна за финансирање на кампањата, но рече дека ќе ги „објасни опасностите“ на кои се изложени мигрантите кои патуваат со мали чамци преку Каналот.

Кампањата ќе започне во Албанија следната недела, откако во август 2022 година веќе беа објавени пораки на албански јазик на Фејсбук и Инстаграм за да се убедат луѓето да не патуваат, забележа ДПА.

Минатата година, бројот на мигранти што го преминаа Каналот достигна рекордно високо ниво, а од почетокот на оваа година повеќе од 6.000 луѓе го поминаа теснецот, потсетува агенцијата.

Според Министерството за внатрешни работи на Обединетото Кралство, Албанија е „безбедна и просперитетна земја“ и многу нејзини граѓани „поминуваат низ повеќе земји на пат кон Обединетото Кралство“, каде што по пристигнувањето изнесуваат неверојатни причини за барање азил.

Од почетокот на оваа година до март, Британија примила најмногу барања за азил од албански државјани, 13.714, а 9.487 од албанските мигранти пристигнале со брод преку Ламанш, јави ДПА.

„Организираниот криминал поврзан со мигрантите е глобален проблем кој бара решенија на меѓународно ниво во текот на целото патување што го поминуваат мигрантите од почеток до крај. Ова вклучува проактивна работа на точката на поаѓање пред луѓето да тргнат на опасни и непотребни патувања“, истакна британскиот министер за миграција Роберт Џенрик.

„Ние сме решени да ги запреме чамците, а кампањата која почнува во Албанија оваа недела е само дел од работата на Министерството за внатрешни работи за разоткривање на митовите за нелегалното патување во Обединетото Кралство, разјаснување што се навистина овие патувања и справување со лагите, дистрибуирани од недобронамерните криумчари кои профитираат од оваа гнасна трговија“.

Според Законот за илегална миграција, странските државјани кои бараат азил во Британија, а кои нелегално пристигнале во земјата, ќе бидат депортирани во нивната матична земја или во трети земји како Руанда.

Министрите, исто така, се надеваат дека законот ќе ги намали дневните трошоци од 5,5 милиони фунти за сместување на мигрантите кои пристигнуваат во земјата. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан