• сабота, 06 јули 2024

Велика Британија неделава ќе биде домаќин на глобални лидери на првиот собир за вештачка интелигенција 

Велика Британија неделава ќе биде домаќин на глобални лидери на првиот собир за вештачка интелигенција 

Лондон, 30 октомври 2023 (МИА) - Британската Влада ќе биде домаќин на странски политички лидери, личности од технолошката индустрија, академици и други истакнати поединци на дводневниот самит, првиот од ваков вид, посветен на вештачката интелигенција (ВИ).

На собирот кој почнува в среда, се очекува меѓу другите, да присуствуваат британскиот премиер Риши Сунак, американската потпретседателка Камала Харис, шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Фокусот на средбата се растечките стравови за импликациите на вештачката интелигенција.

Најнапредната генерација на модели со вештачка интелигенција предизвикуваат најголема загриженост за сè, од губење на работни места и кибер напади до губење на контролата на човештвото врз системите што ги дизајнирале.

Самитот ќе се одржи на намерно симболична локација: паркот Блечли, каде врвните британски декодери го пробија кодот „Енигма“ на нацистичка Германија, помагајќи да се забрза крајот на Втората светска војна. Тоа е исто така дом на Националниот музеј за компјутери, дом на најголемата колекција на функционални историски компјутери во светот.

Сунак и другите лидери се повеќе се приклучуваат на самата индустрија во тврдењето дека сегашното знаење и регулација на напредната вештачка интелигенција е веројатно недоволно за предизвиците што таа ќе ги донесе.

Лондон, кој го иницираше собирот, инсистира на тоа дека го презема водството во вештачката интелигенција по налог на американскиот претседател Џо Бајден, и затоа што двете земји имаат некои од водечките компании во секторот. Но, Велика Британија наводно, била принудена да ги намали своите амбиции околу одредени идеи, како што е лансирањето на ново регулаторно тело, во услови на воочен недостиг на ентузијазам.

Истовремено, Белата куќа денеска донесе опсежна извршна наредба која има за цел да ги следи и регулира ризиците од вештачката интелигенција, истовремено користејќи го нејзиниот потенцијал. Претставниците на Белата куќа тврдат дека извршната наредба е најзначајната акција за вештачката интелигенција преземена од која било влада додека лидерите во светот се обидуваат да се справат со ризиците од технологијата што брзо се менува.

- Со оглед на темпото на оваа технологија, не можеме да се движиме со нормалното темпо на владата или приватниот сектор, мораме да се движиме брзо, навистина брзо - идеално би било -  побрзо од самата технологија, истакна шефот на кабинетот на Белата куќа Џеф Зиентс. ссм/

Остани поврзан