• недела, 22 декември 2024

Велигденско Послание на Владиката Повардарски Агатангел

Велигденско Послание на Владиката Повардарски Агатангел

Велес,15 април 2023(МИА) - Во пресрет на големиот христијански празник Владиката Повардарски Агатангел до православните верници и македонскиот народ упати Велигденско Послание.

-Воскресението Христово, претскажано од пророците и утврдено преку проповедта на апостолите, стана аголен камен на сето наше учење, на сета наша вера и надеж. Сите дела Божји, сите Негови чуда и зборови, добиваат целосно објаснување и вреднување само преку Христовото воскресение. Затоа, при секоја неделна богослужба, Велигден е празникот на кого со радост се сеќаваме и на кого постојано како православни христијани се навраќаме. Без правилна вера и живот во Воскреснатиот Господ Исус Христос, човекот засекогаш ќе остане во канџите на смртта. Спасителот дојде во нашиот свет за да воскресне како Победител, и да ни го осветли патот што ќе нè одведе во вечното небесно живеалиште. Он ни ја дарува Благата вест, во која, како најголема скапоценост, е зачуван Неговиот прекрасен лик. Он го преобрази и очисти човечкото тело, а откако воскресна од мртвите, го постави да седи од десната страна на Отецот, со што за навек, ние како човештво, го добивме своето највисоко и најценето достоинство,потенцира владиката Агатангел.

Со возљубени мои Македонци и Македонки, тој упати пораки до својот македонски народ. 

- Не дозволувајте некој да ни го одземе она што сме. По вера сме биле православни христијани, а по род Македонци, тоа и ќе останеме. Во последно време нашата татковина Македонија крвари од повеќе отворени рани, но сега е правиот момент да ги насочиме своите мисли кон воскресението, да ја сфатиме и усвоиме неговата вистинска содржина. Само така можеме да бидеме народ на Живиот Бог, само така ќе го добиеме Неговиот спасоносен благослов. Над нашите глави силно се надвиснати темните облаци на гревот и неморалот. Упорно некој сака да нè прекрши и одвнатре и однадвор. Од ден на ден тонеме во апатија и незаинтересираност за духовната состојба на нашите души. Секојдневно пред нашите очи се парадира со пароли полни со антиморал и антихристијанство. Некој горделиво се умислил дека е господар на овој свет и дека е повикан да управува со нашите мисли и да ги контролира нашите постапки. Во неговиот демонски план е зацртано целосното обезличување личноста, распадот на семејството, уништувањето на човековиот идентитет и достоинство. Од Бога утврдените норми и правила, уште од создавањето, треба да се преиспитаат и конечно да се пречкртаат. Мажот нема да биде повеќе маж, а жената нема да биде повеќе жена. Некој со сиот памет се дрзнува да си ја земе улогата на моќен седржител. Но како резултат од неговите недела насекаде ќе биде посеана смртта и несреќата. Ваквите горделивци и духовни чудовишта упорно работат против човештвото. За нив сè е дозволено, она што е испревртено и неприродно за нив е достојно за пофалба. Ова според нив треба да биде и озаконето. Како општество, место да се грижиме за сè поизразената стапка на чедоморство, или за тоа што нашите млади луѓе сè помалку стапуваат во брак, што градовите ни остануваат без млада популација, ние својата духовна енергија ја трошиме на нивните бесмислици. Селата ни се осипуваат, нивите ни се неизорани, домовите ни се разурнати, на овие прашања треба да го насочиме нашето внимание. Во опасни времиња живееме. Сега злото се прогласува за добро, а доброто за зло. Гревот станува прифатлив за секого и се прогласува за нешто модерно и нормално. Наместо примери за чесност, доблесност и одговорност, на младите им се нудат лажни идоли и антихерои, наместо живот достоен за воскресение, ни се предлага тивко умирање во бездната на невратот, порача меѓу другото владиката Агатангел.

Владиката Повардарски Агатангел вечерва во 23 часот ќе служи Велигденска богослужба,  Златоустова литургија во соборниот грам „Св. Великомаченик Пантелејмон“, а во исто време ќе се служат Велигденски богослужби и и во црквите „Св. Христово вознесение“,„Св.Кирил и Методиј“ и во црквата „Свети Јован Златоуст“ во Велес. ад/цр
 
Фото:МИА

Остани поврзан