• понеделник, 23 декември 2024

Велигденска миса во базиликата во Ерусалим

Велигденска миса во базиликата во Ерусалим
Ерусалим, 17 април 2022 (МИА) - Христијани од целиот свет дојдоа на велигденската миса во ерусалимската базилика на Светиот гроб, која се смета за најсвето место во христијанството. Ерусалимскиот архиепископ Пјербатиста Пицабала утрово ја предводеше велигденската миса. Во својата проповед, Пицабала ги потсети верниците на „сите ситуации на смрт што не опкружуваат“. „Да размислиме за ужасните услови во кои се наоѓаат многу луѓе во светот денес, во Светата земја, Украина, Јемен, во некои земји во Африка и Азија“, рече тој. Архиепископот потсети и на луѓето кои ги загубија животите за време на пандемијата на коронавирус. „Воскресението значи најава за нова радост која денес мора да допре до сите, насекаде во светот, во секое катче на Земјата. Да не дозволиме смртта и нејзините поданици да нè плашат“, рече Пицабала. Христијаните се малцинство во Израел и сочинуваат само два отсто од населението од 9,4 милиони. Сепак, прославата на Велигден беше засенета од судирите меѓу Палестинците и израелските безбедносни сили на блискиот Рид на храмот, кој е свето место и за Евреите и за муслиманите. За првпат по три години, туристите и аџиите можеа да влезат во тоа подрачје за Велигден, откако Израел ги затвори своите граници за посетителите од странство поради пандемијата на коронавирус. Министерството за туризам очекуваше 30.000 странски туристи само оваа недела, бидејќи и Евреите го слават празникот Пасха, а муслиманите го слават месецот Рамазан, кога постат. паг/    

Остани поврзан