• понеделник, 23 декември 2024

Велешките училишта ги намалија организираните посети на Народниот музеј

Велешките училишта ги намалија организираните посети на Народниот музеј

Велес, 1 февруари 2024 (МИА) – Велешките училишта ги намалиле организираните посети на Народниот музеј во Велес, додека, сѐ поголема е посетата од организирани групи од училишта од други градови, помеѓу кои се Скопје, Штип, Куманово, Тетово и Струга.

Како што информира директорот на музејот, Ангел Коруновски, наставниците подржани од директорите на велешките основни и средни училишта во изминатата година – две организирале само мал број посети за своите  ученици во Народниот музеј и Спомен-куќите на Коста Солев Рацин, Јордан Хаџи Константинов - Џинот и останатите, што, како што вели директорот, не било случај претходните години.

- Посетата на оваа значајна културна институција е многу важна за учениците, тие, освен од книгите, да примат и визуелна информација и да  видат предмети и документи од историјата и културата на градот. Затоа, сметам дека  училиштата треба повторно да им организираат посети, потенцира Коруновски.

Дополнува дека за разлика од велешките училишта, последниве години сѐ поголема е посетата на Народниот музеј во Велес од  организирани групи од училишта од други градови во земјав, од Скопје, Штип, Куманово, Тетово и Струга и други градови.

Во велешкиот Народен музеј функционираат археолошко одделение, етнолошко одделение, историја на уметност и историско одделение со поставки. Во него посетителите може да ја видат книгата „Огледало“ од Кирил Пејчиновски, оригиналните ракописи на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, на Коста Солев Рацин како и археолошки предмети од Стоби и многу други интересни предмети.

Народниот музеј на Велес се наоѓа во строгиот центар на градот и освен ученици може да го посетат и сите останати граѓани и туристи по симболична цена. Посетата е бесплатна секој прв четврток во месецот. ад/ар/

Фото:МИА

Остани поврзан