Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ гостува во Демир Хисар
- Во рамки на фестивалот „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста “, во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО и општината, вечер во Домот на културата „Илинден“ ќе гостува Велешкиот театар, чии актери ќе ја изведат преставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски.
Демир Хисар, 18 јули 2025 (МИА) - Во рамки на фестивалот „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста “, во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО и општината, вечер во Домот на културата „Илинден“ ќе гостува Велешкиот театар, чии актери ќе ја изведат преставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски.
„Синиот портокал“ е македонска праизведба на истоимениот драмски текст на британскиот автор Џо Пенхол кој во своите драми се занимава со современиот социолошки контекст, а ликовите за кои пишува се индивидуи кои бараат себереализција во општеството кое робува на бирократизација и меѓучовечки ривализам.
Станува збор за саркастична комична пиеса, која се осврнува на расата, менталната болест и британскиот живот во 21-виот век. За првпат е поставена во 2000 година во Националниот Театар во Лондон и доживува голем успех освојувајќи ги наградите за најдобра драма на три престижни британски фестивали, соопштија од Општина Демир Хисар.
Во претставата настапуваат актерите Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски.
Влезот за претставата во Домот на културата „Илинден“ е бесплатен, нагласија од Општина Демир Хисар.
мт/рп/
Фото: Општина Демир Хисар