• сабота, 21 декември 2024

Велешкиот полигон за возила пет месеци затворен

Велешкиот полигон за возила пет месеци затворен

Велес, 28 април 2023 (МИА) - Жителите на Велес и на околните села пет месеци немаат можност да се обучуваат, но и да полагаат за возачки испит, затоа што полигонот во Велес е затворен. Штета трпат и сите автошколи во Велес, кои се доведени во незавидна положба поради намалениот обем на работа, рече на денешната прес - конференција Димитар Абрашев од Левица.

Додаде дека според  нивните  информации извршени се сите градежни работи со градежна дозвола од Општина Велес, според правилникот за полигони, но повеќе од еден месец се чека МВР да изврши увид и даде дозвола за работа на полигонот.

-Бараме од Министерството за внатрешни работи во најкраток рок да изврши увид, а со тоа полигонот да биде повторно ставен во функција, рече Абрашев.

Портпарол на СВР Велес, Ристе Самарџиев за МИА информира дека постапката за повторно отворање на полигонот е во тек.

-Веднаш штом ќе ги исполни условите согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програмата за обука, опремата со која треба да располага, како и евиденциите кои што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидатите за возачи, полигонот повторно ќе биде ставен во функција, информира Самарџиев.

Како што потсети Самарџиев полигонот беше затворен од полицијата пред пет месеци затоа што не ги исполнувал условите предвидени со член 283 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. ад/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан