• четврток, 04 декември 2025

Велес викендов домаќин на „Акцијаши ветерани“ од Македонија, Србија и Словенија

Велес викендов домаќин на „Акцијаши ветерани“ од Македонија, Србија и Словенија

Велес, 13 септември 2025 (МИА) - На одбележувањето на јубилејот 40 години Младинска работна акција „Бабуна ’85“ во Велес викендов присуствуваат претставници од здруженија на акцијаши ветерани од девет градови од Македонија, како и гости од зруженијата  на акцијаши ветерани од Србија и Словенија. Тие се сместени во Средношолскиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес, каде биле сместени и пред 40 години.

На свеченоста, која денеска ја оганизира Здружението на граѓани „Велешки акцијаши“  претседателот Делчо Костов им додели признанија и благодарници на учесниците и поддржувачи на тогашната работна акција „Бабуна 85“. Беа поделени и постхумно признанија, спомен-плакета на прерано починатиот командант на бригадата Зоран Тодоров, како и постхумно на Боре Манев, командант на многу акции во поранешна Југославија, акцијаш за поддшка на развој на акцијаштвото во Велес, која ја прими неговата ќерка Лепа Манева Тошанова.

На присутните им се обрати новинарката Убавка Јаневска, која била задолжена за информирање на тогашната МРА „Бабуна 85“. Јаневска  потсети дека Миле Маџаров бил командант на градилиште, Слободан Кириќ Цоро, кој повеќе години нананзад живее во Канада бил заменик-командант за населбата и за општествени  дејности. 

На средбата на акцијашите ветерани денеска присуствуваше и Борче Георгиевски од Скопје,  претседател на Сојузот на здруженијата на акцијаши ветерани на Македонија. Тој информира дека нивниот сојуз брои девет здруженија од Скопје, две од Велес, како и од Штип, Куманово, Крива Паланка, Охрид, Битола и Гостивар.

Тој потсети дека младите преку доброволни акции оставеле капитални дела, а го негувале и ширеле братството, единството и пријателството  меѓу народите во тогашна Југославија. - За организирање на младинските акции беа потребни три фактори, да постои ентузијазам за младите да се искажат во работата, некој да ги поддржи и логистички да ги организира каде ќе се сместат и што ќе работат на кое капитално дело и да се создадат условите за нивно работење. Но, ќе потенцирам дека најголемото богатство од овие акции е негувањето и ширењето на другарството и пријателството како вредност на еден систем, вредност која за жал денеска ја немаме или сосема малку го имаме во делот на дружењето меѓу младите генерации, потенцира Георгиевски.

Информира дека Сојузот на Здруженијата на акцијаши  ветерани во Македонија делува уште од 2011 година, имаат 9 здруженија, а секое од нив има и свој подмладок, односно младите кои работат со нив ветераните и ги црпат нивните искуства и учат за вредностите. - Првиот чекор со младите  ние го правиме уште во деветто одделение, потоа во средните училишта,. каде одржуваме едукативни предавања, а потоа ги вклучуваме во еколошки акции кои најпрво ги органиизраме за уредување на нивниот училишен двор. Потоа ги вклучуваме  и во нашите акции, кои најчесто со поврзани со пошумување и уредување на градот за почист град и почиста животна средина, додаде Георгиевски.

Поранешниот акцијаш сега ветеран од Словенија, Ненад Лауко со неговата сопруга Бојана, дојдоа на средбата на акцијашите ветерани  во Велес од Рибница на Пахорје во Словенија. Tој информира дека Рибница е еден од петте словенечки градови, во кои повторно се возобновува акцијаштвото преку граѓански здруженија на поранешни бригадири, а сега ветерани. -Иста цел не обединува сите ветерани во сегашните држави кои произлегоа од поранешна Југославија, а тоа е помошта во уредувањето на градовите и локалните заедници во интерес на граѓаните, потенцира Лауко.

Гостите денеска во Велес ја посетија Спомен-куќата на Кочо Рацин и стариот дел на Велес. ад/мд/

Фото: МИА 

 

                                       

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан