• петок, 22 ноември 2024

Вашингтон пост: Трамп не може да најде адвокат кој ќе го претставува пред федералниот суд во Мајами 

Вашингтон пост: Трамп не може да најде адвокат кој ќе го претставува пред федералниот суд во Мајами 

Вашингтон, 13 јуни 2023 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп цело попладне поминал во потрага по адвокат кој може да го претставува пред неговото историско појавување пред федералниот суд во Мајами, јави синоќа Вашингтон пост.  

Откако слетал вчера во Мајами, Трамп го поминал попладнето во интервјуа со можни адвокати и средби со својот правен тим и други советници да дискутира за делото според кое тој е обвинет зa погрешно ракување со класифицирани документи и попречување на владини напори тие да бидат пронајдени. 

Неколку топ правници од Флорида одбиле да го имаат Трамп како клиент откако двата клучни адвокати, Џим Трасти и Џон Роули си дале оставка минатата недела. 

Поради тоа, единствен кој остана е адвокатот од Њујорк, Тод Бланш, кој се занимава со делото од Њујорк, како и искусниот правен асистент Кристофер Кис. Претходно, на својата социјална мрежа Трамп соопшти дека Бланш ќе ја види одбраната заедно со „фирма која ќе биде именувана“.   

Кис можеби нема да се појави бидејќи имал разногласја со Трамп за случајот со документите, коментираат познавачите. 

Заминувањето на Трасти и Роули беше неочекувано, со што тимот на Трамп остана во последен момент да ја идентификува правната тактика како ќе биде претставен пред судот во Мајами. Правилата налагаат главниот адвокат да има добра репутација пред адвокатската комора на Флорида или да биде спонзориран од таков пред појавувњето. Кис помогна во регрутацијата на таков адвокат но кој ќе биде тоа е сеуште непознато, пишува весникот. 

Во текот на бројните судски случаи и тужби против него Трамп има проблеми со ангажирање и задржување на адвокати уште од неговиот избор за претседател во 2016 година, наведува Вашингтон пост. кб/ сд/

Остани поврзан