• петок, 22 ноември 2024

Ван Дајк: Арне Слот може да му одговара на Ливерпул

Ван Дајк: Арне Слот може да му одговара на Ливерпул

Ливерпул, 25 април 2024 (МИА) - Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, верува дека играчката филозофија на потенцијалниот иден менаџер на „црвените“, Арне Слот може да му одговара на клубот од „Енфилд“.

Ливерпул е во преговори со Феенорд околу евентуалниот ангажман на Арне Слот како наследник на Јирген Клоп, кој си заминува на крајот од сезоната.

-Се разбира, тешко ми е да одговорам, но мислам дека Арне Слот е еден од подобрите холандски тренери во моментов. Мислам дека, според начинот на игра и филозофијата што ја има, би можел да биде менаџер на Ливерпул, изјави Вирџил ван Дајк, цитиран од Би-би-си.

Капитенот на Ливерпул го пофали својот сонародник, но додава: „Само мислам, од она што го прочитав и слушнав, дека е далеку од завршено. Ќе видиме“.

Арне Слот досега работеше само во Холандија, каде најпрвин раководеше со Камбур (како привремен тренер), потоа во АЗ Алкмар и сега Феенорд. Со клубот од Ротердам лани ја освои титулата во Ередивизи, а оваа сезона го освои Купот на Холандија и е втор во шампионатот зад ПСВ Ајндховен.

Јирген Клоп е на клупата на „црвените“ од октомври 2015 година, но во јануари најави дека ќе си замине на крајот на сезоната.

Светските медиуми пишуваат дека Арне Слот е интересен и за Барселона и за Баерн. дс

Фото: Архива

Остани поврзан