• понеделник, 23 декември 2024

Ванделт: Германски компании се заинтересирани за македонскиот пазар

Ванделт: Германски компании се заинтересирани за македонскиот пазар

Скопје, 26 мај 2023 (МИА) – Во изминатите недели добивме голем број прашања од германски компании кои се заинтересирани за македонскиот пазар, како пазар во кој може да се инвестира, и за понатамошна трговска размена, најави Антје Ванделт, новата директорка на Германската стопанска комора во земјава (АХК).

-Во 2020 година германската инвестиција во Охрид – „Костал“ ја дуплираше инвестицијата и бројот на вработени и вработи нови 600 лица. Ист е случајот и со „ОДВ Електрик“ која исто така се наоѓа во Охрид и ја дуплираше својата инвестиција. Фабриката „Киел Македонија“ во Желино, Тетово кои произведуваат седишта за автобуси и за возови ќе изградат нова фабрика и ќе го дуплираат производството. Во моментов најголемата германска инвестиција во земјава „Гересхајмер“ лоцирана во близина на Скопје со 180 работни места и инвестиција во висина од 126 милиони евра која не произведува делови за автомобилската индустрија за разлика од поголемиот број на другите инвеститори, туку медицински помагала, изјави Ванделт по денешната средба со новинарите.

Посочи дека минатата недела била во Тетово каде, како што кажа, беше претставена новата германска инвестиција на семејство од земјава кое има работено во Германија каде има отворено бизнис.

-Сега нивната германска компанија ја отвори инвестицијата „Мулти парк Изаири“ во Тетово која ќе произведува кабли од бакар, а во иднина и бакарни цевки, рече Ванделт.

Прашана како техничката рецесија во Германија во последниот квартал може да влијае на економијата на земјава и на земјите од регионот во кој има бројни германски инвестиции, рече дека е тешко да се предвиди економската состојба.

-Комплексно е да се даде предвидување за економската состојба, но она што можам да го забележам и заклучам е дека како Германска комора во Северна Македонија во изминатите недели добивме голем број прашања од германски компании кои се заинтересирани и за македонскиот пазар како пазар во кој може да се инвестира и за понатамошна трговска размена, посочи Ванделт.

Нагласи дека има значаен раст на економската размена меѓу двете земји и додаде дека во 2020 година трговската размена била 3,9 милијарди евра, а во 2022 година достигнала до речиси пет милијарди евра, поточно 4,8 милијарди евра. вј/бак/

Фото: МИА    

Остани поврзан