• петок, 22 ноември 2024

Ванг: Решение за војната во Украина е прекин на огнот, преговори и воздржување од санкции

Ванг: Решение за војната во Украина е прекин на огнот, преговори и воздржување од санкции

Њујорк, 25 септември 2024 (МИА)  - Позицијата на Кина во однос на решението за конфликтот во Украина и натаму е веднаш да се воспостави прекин на огнот и да се седне на преговарачка маса, како и западните земји да се воздржат од санкции и економски притисок врз една од страните во конфликтот, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

„Сите страни треба да му дадат приоритет на мирот и да бидат вистински посветени на промоција на мировните преговори“, рече шефот на кинеската дипломатија за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН.

Во овој контекст, тој изјави дека е неопходно да се запрат воените конфликти за да се спречи проширување на воената зона.

Тој, исто така, се осврна на недозволивоста за користење нуклеарно оружје и оштетување нуклеарни објекти, како што се нуклеарните централи. „Колку повеќе оружје се насочува во воената зона, толку е потешко да се постигне прекин на огнот“, рече кинескиот министер и ја нагласи потребата од итен дијалог и преговори како „единствен остварлив начин“ за решавање на „украинската криза“. „Во спротивно, кризата само ќе се влошува“, истакна Ванг.

Тој додаде дека е неопходно „да се воздржиме од прелевање на кризата“ врз светската економија и укажа на потребата западните земји да се воздржат од санкции и блокирање на одредени области на светската трговија, бидејќи, како што оцени, ова „го загрозува одржливиот развој - една од целите на ОН“.

Тој исто така нагласи дека позицијата на Кина за ситуацијата во Украина останува конзистентна. „Мора да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји. Мора да се исполнат целите и принципите на Повелбата на ОН. Легитимните безбедносни грижи на сите земји мора да се сфатат сериозно, а исто така е важно да се поддржат сите иницијативи кои имаат за цел решавање на оваа криза“, заклучи Ванг. паг/

Фото: ЕПА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан