• сабота, 27 јули 2024

Важноста на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста, како и дигиталната дипломатија во фокусот на книгата „Дигитална ера“ од Санде Смиљанов

Важноста на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста, како и дигиталната дипломатија во фокусот на книгата „Дигитална ера“ од Санде Смиљанов

Скопје, 4 март 2024 (МИА) - Важноста на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста, како и корисноста на дигиталната дипломатија и користењето на социјалните мрежи во дипломатијата се меѓу темите обработени во новата книга од доц. д-р Санде Смиљанов, насловена „Дигитална ера“.

На промоцијата што се одржи денеска во Кинотеката, за делото кое е издание на Интернационалниот Универзитет „Еуропа Прима“, Скопје, говореа рецензентите, проф. Јордан Плевнеш и проф. Љупчо Сотироски.

Плевнеш истакна дека доцент Смиљанов со исклучителна верба дека хуманизмот ќе победи во светската цивилизација ги протега своите анализи на светската геополитичка мапа од Силиконската долина во САД преку сите форми на сајбербезбедноста која се применува во сите лаборатории на светските велесили и историјата на нумеричката револуција.

Делото, најавува тој, ќе биде презентирано и во партнерските универзитети на Еуропа Прима во САД и во Франција како и на меѓународни конференции на односната тема и ќе претствува, како што рече, македонски прилог во глобалната сфера на истражувањето, но и во едукацијата на студентите во високото образование. 

Според проф. Љупчо Сотироски, книгата претставува модерно структурираната аналитичка истражувачка концепција за сложеноста на светот на дигиталната ера и комплексноста на технолошкиот пејзаш кој постојано се развива. Книгата е, додава тој, перцепција на реални состојби на денешнината и логично го акумулира развојот на информациските и комуникациските технологии како посебен и неизбежен сегмент на дипломатските односи меѓу државите и меѓународните актери.

-Без разлика дали читателот е технолошки ентузијаст или вљубеник, бизнис лидер или дипломат, оваа книга дефинитивно е вистинско богатство на творештвото и практиката. Дигиталната трансформација се однесува на процесот на користење на дигиталната технологија за преобликување на деловните процеси, операции и корисничко искуство во согласност со променливата потреба на времето во кое што живееме, вели Сотироски.

Еден од најзначајните сегменти на вклучувањето на вештачката интелигенција во развојот на капацитетите за сајбер безбедноста е нејзината употреба на етички и морално правилен начин. Со тоа, додава тој, на едноставен начин авторот ја поставува важноста и корисноста на дигиталната дипломатија, концептите и улогата на социјалните мрежи во дипломатијата, промоцијата на кампањи преку социјалните мрежи и дигиталните алатки за кризна комуникација и одговорот на кризите кои што настануваат. 

Авторот Смиљанов вели дека идејата за оваа книга произлегла од темата со лажните дојави за бомби што се случуваа во земјава.

Книгата е поделена во четири глави при што во првата глава се говори за дигиталната трансформација и сајбер безедноста, во втората „дигитална дипломатија: функционалност на глобалното опкруѓување во дигиталната ера“. Третата глава е посветена на „Основите на протоколот“ и во последната четврта глава тема е „Дигиталната етикеција“. 

Лажните дојави за бомби кои се случуваа последните месеци во 2022 година и почетокот на 2023 во земјава но и во други држави од регионот, се сметаат за современи хибридни закани чија цел е дестабилизација за постигнување на политички цели.

„Дигитална ера“ е четврта книга објавена од Смиљанов. вг/са/

Фото: МИА

Остани поврзан