• недела, 22 декември 2024

Бучковски: Првата шанса за деблокада од Софија е мај или јуни, по промовирањето на новата бугарска влада

Бучковски: Првата шанса за деблокада од Софија е мај или јуни, по промовирањето на новата бугарска влада
Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) - Акцискиот план  е усогласен 99 отсто и дава надеж дека можеме во овие неколку следни седмици да ја имаме таа меѓувладина конференција која ќе биде многу битна во подготовката на поповолна атмосфера пред разговорите за кои не крие нашиот премиер дека посакуваме да се случат во мај или јуни, по промовирањето на новата бугарска влада, вели специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски. -Идејата што сега ја промовираше нашето МНР, а го прифати бугарското МНР со одговорот на нашиот акциски план е да имаме еден заеднички документ кој би го усвоиле на заедничката владина конференција која ние претендирамве да се одржи што е можно побрзо. Од друга страна, треба да имаме предвид дека на 5 март почнува кампањата за бугарските избори. Така што, она што го вели министерот Османи дека 99 отсто е усогласен акцискиот план дава надеж дека можеме во овие неколку следни седмици да ја имаме таа меѓувладина конференција која ќе биде многу битна во подготовката на поповолна атмосфера пред оние разговори за кои не крие нашиот премиер дека посакуваме да се случат во мај или јуни по промовирањето на новата бугарска влада, вели Бучковски во разговор за  „360 степени“ запрашан дали е можен исчекор во односите меѓу двете земји  пред парламентарните избори во Бугарија и што би бил тој . Тој  појаснува дека во однос на Акцискиот план е преостанато усогласувањето околу техничките детали, и нагласува дека она што го прават двете страни во делот на медиумите ќе претставува дополнителна алатка која ќе овозможи избалансиран пристап во пренесувањето на информациите. -Повеќе се технички детали, зашто не беше тајна дека во одговорот на бугарската страна имаше од нивна страна инсистирање да имаме пакет во кој нема да биде само планот за заедничко дејствување или акцискиот план, туку имаше обид да се најде решение и за неколкуте отворени прашања кои ние ги детектираме како политички прашања за кои ќе ни треба повеќе време и подобра атмосфера. Тоа неколкупати го говореше и нашиот премиер, го говореше и претседателот Пендаровски – долгото, краткото име, малцинството, јазичната формула и на крајот систематската борба против говорот на омраза од двете страни. Мислиме дека ова што го правиме во делот на медиумите дека ќе имаме дополнителна алатка – реемтувањето на БТВ, на МТВ, можноста на Макс ТВ да влезат уште 2 или 3 приватни бугарски телевизии, со отворањето на дописништво на МИА во Софија, а истото од 1 март се подготвува да го направи и Бугарската телеграфска агенција во Скопје ќе се создадат предуслови во тој дел, условно кажано медиумите под државана капа, да имаат избалансиран пристап во пренесувањето на информациите, смета Бучковски На прашањето дали е јасно што точно бара Бугарија и во какви документи, односно како правно би се стигнало до решение што ќе го деблокира пристапниот процес на земјава, Бучковски оценува дека клучот е околу заедничката историја, што вели, според, самиот договор, и е оставено на мултидисциплинарната историско-образовна комисија, а која, смета дека ќе има клучна улога во создавањето на амбиентот за надминување на разликите. -Инсистираа, јавно беа давани изјавите, а ако го читате и нивниот објаснувачки меморандум, но и изјавите на претседателот Радев, тој инсистира да има посебно поглавје, како во случајот со Србија, тоа е поглавјето 35 кое постојано би го следело импелемнтирањето на договорот и на крајот, зашто и тој процес е реверзибилен, секогаш да може да се навраќа ЕК. Тоа од наша страна јавно беше кажано дека е неприфатлив принцип. Ние се што треба да направиме, а клучот е околу заедничката историја, но ние тоа во самиот договор сме и го оставиле на мултидисциплинарната историско-образовна комисија која мислам дека ќе има клучна улога во создавањето на амбиентот. Не да се форсираат решенија преку ноќ, туку да биде продуктивна, да отвора прашања онака како што е утврдена методологијата и во духот на европските вредности не само во обелоденување на усогласените текстови за заедничко чествување на личностите и настаните од заедничката историја, туку пред се, да се имплементираат во учебниците по историја, географија и литература, смета Бучковски. Запрашан има ли надеж за пробив во македонско-бугарскиот спор, за време на португалското претседателство, имајќи ја предвид набиената изборна агенда во двете земји оваа година, Бучковски истакнува дека првата шанса тоа да се случи е во месец мај или јуни. -Ние, реално, според моите проценки, ја имаме шансата да го направиме првиот пробив по изборите во Бугарија, значи мај, јуни. Потоа се влегува во предкампања – кај нас се локалните, но и во Бугарија има други избори тоа се претседателските. Ако не успееме во овие два месеца, потоа другата шанса ни е во ноември, декември. Мислам дека реално имаме шанса тоа да го направиме оваа година, или ако сакате до крајот на мојот мандат кој е до 1 декември оваа година. Реални се шансите да дојде до компромисно решение зашто сепак сме блиску до изнаоѓање формула во која и едната и другата страна, за кои можеби ќе изгледаат на прв поглед како преголема отстапка, но јас сум уверен дека Бугарија конечно ја има нашата кристално јасна порака каде не сме подготвени да попуштиме. Тоа ме храбри, нивното препознавање на она што е неспорно, дека може да биде првиот сериозен чекор кон враќањето на довербата, вели специјалниот владин претставни Владо Бучковски. вг/ац/

Остани поврзан