• недела, 22 декември 2024

Бугарскиот парламент одобри испраќање непотребно оружје во Украина

Бугарскиот парламент одобри испраќање непотребно оружје во Украина

Софија, 27 септември 2023 (МИА) - Бугарскиот парламент денеска одобри дополнителна воена помош за Украина за војната со Русија, јави државната агенција БТА.

Пратениците одобрија испорака на Украина на неисправни ракети земја-воздух за рускиот систем за воздушна одбрана С-300 и муниција за автоматско оружје од мал калибар, отфрлени од Министерството за внатрешни работи.

Воените експерти велат дека ракетите не можат да се поправат во Бугарија, но Украина може, или да користи делови од нив.

Началникот на Генералштабот, адмирал Емил Ефтимов, ги увери пратениците дека испраќањето оружје нема да и наштети на одбраната на Бугарија.

Тој изјави дека „немаат намера да и го дадат (на Украина) целиот ракетен комплекс С-300 додека не најдат можност за замена“.

Гласањето ја покажа поделеноста на земјата околу испраќањето воена помош за Украина - наиде на критики од Социјалистичката партија и проруските националисти од Партијата на преродбата кои гласаа против испраќањето на помошта.

Бугарија сè уште има залихи на застарено советско оружје и многу фабрики за муниција за нив, иако влезе во НАТО во 2004 година. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан