• четврток, 26 март 2026

Бугарскиот Народен театар ќе има 13 премиери во новата сезона

Бугарскиот Народен театар ќе има 13 премиери во новата сезона

Софија, 12 септември 2025 (МИА) – Народниот театар „Иван Вазов“ ќе има 13 премиери во новата сезона – 4 на голема сцена, 4 – на камерна сцена, 4 – на сцена „Апостол Карамитев“ и една – на сцена „Музите“, соопштија од театарот.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

„Додека со екипата се обидувавме да го определиме фокусот на сегашната сезона, мислевме да се ограничиме само врз балканскиот акцент во нашата програма. Откако внимателно анализиравме, се покажа дека нашиот репертоар оваа година стапнува на три континенти – Северна Америка, Европа и Азија“, рече директорот на трупата Васил Василев.

Меѓу акцентите е спектаклот на хрватскиот режисер Ивица Буљан, кој ќе ја постави класиката „Господа Глембаеви“. Пиесата на познатиот драматург Мирослав Крлежа е во нов превод на Русанка Љапова, направен специјално за Народниот театар.

Претстои исто така и проектот на режисер од Република Северна Македонија, Слободан Унковски, кој веќе спроведе кастинг со нашата најголема трупа за „Скржавец“ според познатата пиеса на Молиер. Се очекува комедискиот спектакл да биде најмасовната продукција следната сезона, во која ќе учествуваат неколку генерации актери.

„Нашиот репертоар оваа година претставува богата палета од жанрови, во која секој гледач може да ја најде својата претстава. Работиме на многу теми, кои се актуелни за нашето совремие, покануваме како утврдени, така и млади бугарски режисери. Ги отворивме вратите за независни проекти преку специјална програма на името на Апостол Карамитев, која оваа година ќе има свое трето издание“, рече главниот драматург Мирослава Тодорова.

На почетокот на 2026 година режисерката Дијана Добрева ќе почне проби на „Малата Англија“ – сценска адаптација според истоимениот роман на грчката писателка Јоана Каристиани. Добрева повторно ќе работи со драматургот Александар Секулов. Проектот ќе ни ја покаже нејзината работа во ново светло – со фокус не толку врз визуелниот размер, туку врз човечките односи, коментираат од театарот.

„Подготвуваме и проект со три, би ги нарекла, гигантски бугарски актерки. Тоа се Жанет Спасова – знакова актерка на „Фолксбине“, која не работела во Бугарија 30 години, Жорета Николова и Светлана Јанчева. Заедно со режисерот Николај Стефанов ќе ја претстават „Медејаматеријал/Персона“ според Хајнер Милер и Ингмар Бергман“, рече уште Мирослава Тодорова. „Правиме така, што емблематични наши актери, кои играат надвор од Бугарија, да се враќаат во татковината и да играат на нашата сцена“, додаде Васил Василев.

Режисерот Бојан Крачолов оваа година ќе работи со младите актери во трупата, за да создаде серија од настани, насочени кон младата публика. Премиерата на новиот перформанс е во ноември.

До крајот на календарската година Народниот театар ќе земе учество на десет фестивали во Бугарија и Европа. Меѓународната турнеја на спектаклот „Хага“ продолжува во ноември со учество на фестивалот Temporada Alta во Жирона, Шпанија. На почетокот на следната година се очекува и претставување во Љубљана, Словенија. Се водат преговори за гостување на „Бурата“ на Роберт Вилсон во Виена, Австрија, на Wiener Festwochen, во Пекинг, Кина, како и на фестивал во Германија.

Спектаклот „Медеја“ ќе има свои силни меѓународни изјави уште оваа есен на фестивалот „Скупи“ во Скопје, Република Северна Македонија, и Шекспировиот фестивал во театар „Марин Сореску“ Крајова, Романија, а во април 2026 година ќе излезе на сцената на Teatros del Canal, Мадрид, Шпанија. „Во Шпанија „Медеја“ ќе се изведе шест пати. Ова се случува за првпат – бугарски спектакл да има толку многу последователни претстави пред публиката во Мадрид“, коментира началничката на фестивалската дејност во Народниот театар – Борјана Трифонова. Гостувања на претставата се дискутираат и со партнери во Љубљана и Солун. Во февруари 2026 година спектаклот „Оружјата и човекот“ ќе се игра на сцената на Хрватскиот народен театар во Загреб, додека уште оваа есен „Куклена куќа, втор дел“ на режисерот Јасен Пејанков ќе гостува во Ниш, Србија, во рамките на фестивалот „Театар на крстопат“.

Националната сцена ќе прими и седум спектакли од странство во рамките на платформата „Сцена без граници“. Меѓу нив е „Мами“ на режисерот Марио Бануши – заедничка продукција на „Онасис Стеџи“ во Атина и фестивалот во Авинјон, каде беше премиерата ова лето. Се очекуваат и спектакли од Даблинскиот фестивал и Народниот театар во Прага, како и нов заеднички проект со Wiener Festwochen и фестивалот во Авинјон, чија премиера ќе биде и во Софија. Паралелно ќе се реализираат бројни размени на претстави, додаваат од Народниот театар. „Бугарската публика ќе има шанса да го гледа „Злосторство и казна“ на светски признатиот режисер Јернеј Лоренци, продукција на Хрватскиот народен театар, како и „Нора“ од Градскиот театар во Љубљана. Се дискутира и соработка со Државните театри на Турција, кои ќе ја претстават „Медеја материјал“ на Ајше Емел Месџи“, рече началникот на меѓународната дејност во театарот Младен Алексиев. Во октомври, благодарение на јапонската амбасада, ќе гостува спектакл на јапонските тапани „Таико“.

Паралелно со турнеите и гостувањата, од Народниот театар информираат дека ќе продолжат учествата во европските проекти DoSEL и Prospero New. На крајот на 2026 година Народниот театар ќе биде домаќин на конференцијата на Европската театарска конвенција.

Како што напиша БТА, првата премиера на голема сцена е „Бил Гејтс и Стив Џобс разговараат за иднината на информатиката“ – на 19 септември, а на камерна – „Последниот час на Мерилин Монро“ (16 септември).

____________________________________________________________________________________________________________________________________________

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан