• понеделник, 23 декември 2024

БРО ги доставило до МОН новите наставни програми за седмо одделение за учебници што ќе се користат идната година

БРО ги доставило до МОН новите наставни програми за седмо одделение за учебници што ќе се користат идната година

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Бирото за развој на образованието (БРО) го испочитувало рокот даден од министерот за образование и наука Јетон Шаќири - новите наставни програми за седмо одделение да бидат готови до крајот на месецов, така што навреме ќе почне и постапката за изработка на нови учебници за седмоодделенците во учебната 2024/2025 година.

Согласно Концепцијата за основно образование, етапната реформа наредната учебна година ќе ги опфати учениците од седмо одделение кои ќе имаат нови учебници, за кои најпрво се изработуваат нови наставни програми, што е во надлежност на БРО.

-Наставните програми се доставени до Министерството за образование и наука, така што наскоро Педагошката служба ќе објави повици за автори и за избор на рецензенти. Се очекува процесот на избор на учебници за седмо одделение, графичко уредување и испорака, целосно да заврши пред следниот септември и учениците на првиот училишен ден пред себе да ги имаат сите учебници, соопшти Министерството за образование и наука. 

МОН наведува дека изработката на учебници е комплексен процес чие времетраење зависи од низа фактори, меѓу кои, на одреден дел, како што посочува, институциите немаат влијание.

-Сепак, со навременото доставување на наставните програми и отпочнувањето на постапката на одобрување учебници, се намалува веројатноста за доцнење на процесот, односно се обезбедува континуитет на планираните промени. МОН изразува благодарност до новиот директор на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи, кој го интензивираше процесот на изработка на наставните програми, како и низа други процеси, меѓу кои и набавката на педагошка документација и свидетелствата, кои во минатото често се случуваше да доцнат, соопшти МОН. хс/ев/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан