• недела, 22 декември 2024

Бројни културни и спортски манифестации и настани во чест на „Ноемвриските денови“ во Куманово 

Бројни културни и спортски манифестации и настани во чест на „Ноемвриските денови“ во Куманово 

Куманово, 9 ноември 2024 (МИА) - Општина Куманово ги покани кумановци да ја проследат богата програма која ќе се реализира наредните неколку дена по повод 80 години слободно Куманово и 505 години од формирањето на Куманово, информираа денеска надлежните од секторот за култура и спорт и Фондацијата за култура и спорт.

Утревечер концертот ќе почне во 20 часот на градскиот плоштад во Куманово. Кумановци ќе имаат можност да проследат настапи на над дваесет македонски изведувачи.

- Изведувачите со нивните најголеми хитови ќе ѝ се претстават на кумановската јавност, односно на сите љубители на македонската музика. Ова е вистински пример како се поддржува македонската музика и македонските изведувачи. Сметаме дека ваков концепт на концерт не се случил никогаш претходно во Македонија и искрено се надеваме дека и останатите општини во иднина ќе го преземат овој концепт и финансиските средства да бидат дадени на македонски изведувачи, изјави директорот на Фондацијата за култура и спорт, Марио Арангеловски.

Концертот ќе биде поделен во четири блока, наменети за граѓаните со различни вкусови за музика. Годинава на градсиот плоштад ќе настапат, Владо Јаневски, ДНК, Тамара Тодевска, Ламбе Алабаковски, Антониа Гиговска, 2 Бона, Слаткаристика, ИвонаЈо, Наум Петрески, Маргица Антевска, Пајак, Марио Арангеловски, Куку Леле, Мартија Станојковиќ, Лука Чомбе, Миле Кузмановски, Нино Величковски, Лара Иванова, Мартинијан Кириловски и Шпенд Латифи, водител е Стефан Лазаров, а ангажиран е и диџејот Боно.

Општина Куманово одвојува 1, 8 милиони денари за настапите на изведувачите, вкупно одвоени се два милиони денари за манифестацијата со пропратни содржини. Раководителот на секторот за култура и спорт Александар Крстевски рече дека има голем број на спортски настани, натпревари кои се одржуваат во различни термини.

- Ги покануваме сите активно да ги следат и да уживаат во различни спортски манифестации кои ќе се одржат во градот, изјави Крстевски.

Концертот ќе трае од 20 часот до околу 23.30 часот, предвидено е и огномет. Организаторите ги повикаа сопствениците на миленичињата да ги дислоцираат од централното градско подрачје.

Освен концертот има бројни спортски и културни манифестации кои се реализираат речиси секој ден од почетокот до крајот на ноември, дел од нив поддржани од градоначалникот и Советот на општина Куманово. ам/мд/

Фото: Плакат и МИА

Остани поврзан