• сабота, 07 март 2026

Бројките на семејно насилство во Прилепскиот регион се зголемуваат, треба строг систем на надзор во институциите за помошта да сигне до жртвите

Бројките на семејно насилство во Прилепскиот регион се зголемуваат, треба строг систем на надзор во институциите за помошта да сигне до жртвите

Прилеп, 7 март 2026 (МИА) - Во Прилепскиот регион е зголемен бројот на евидентирани случаи на семејно насилство, но, според здружението за правна едукација и транспарентност „Станица П.Е.Т.“ од Прилеп, во реалноста бројките се повеќекратно поголеми.

Според прилепскиот Центар за социјална работи, лани се евидентирани 104 случаи на семејно насилство, а во 2024 година - 88. Во првите два месеца од годинава состојбата се одразува како лани. 

Но, иако има зголемени бројки, тие сѐ уште не ја одразуваат реалната состојба, зашто многу случаи или не се пријавени, или се заведуваат како поплаки за нарушен јавен ред и мир или административно не се регистрирани, сметаат од невладината  „Станица П.Е.Т.“.

-Нашето искуство покажува дека бројките на пријавување се многу мали и не ја одразуваат реалната состојба. Дополнително, се пријавува и евидентира само физичкото насилство, иако во законот се препознаени и другите форми на насилство, како што се психичкото, емоционалното, економското насилство. За жал, во практика, не само што жртвите не се охрабруваат да ги пријават другите форми на насилство, туку и службениците кога ќе имаат пријавен случај, сѐ уште инсистираат на тоа дали има видливи повреди кај жртвата. Многу често имаме практика семејното насилство во МВР да биде заведено како поплака за јавниот ред и мир. Кога жртвата се обратила кај нас и ние сме провериле, случајот воопшто не бил заведен како семејно насилство. За жал, Прилеп е меѓу последните места од поголемите градови според системот за поддршка што го нуди за жртвите од семејно насилство. Кај нас нема шелтер центар, немаме специјализирани услуги. Од минатата година почнавме со психосоцијална поддршка за жртвите од семејно насилство, во тек е подготовката на документацијата за лиценцирање, вели Весна Шапкоски од  „Станица П.Е.Т“. 

Законот за спречување на насилство врз жени и девојчиња, и семејно насилство е релативно добар. Усогласен е со Истанбулската конвенција и со другата меѓународна регулатива. Но, на терен се забележува, во административните служби, практика на отпор кај  службениците да ги применуваат новите законски решенија. 

-Некако, целата процедура околу семејното насилство наместо да биде фокусирана на заштита на жртвата, се фокусира на бирократијата. Административните службеници кои треба да го применат тој закон, а и секое дополнување на Законот и секоја новина, не ги гледаат како систем на поддршка на жртвата, туку како дополнителна бирократија која им се наметнува во нивната работа. Можеби е тоа поради лошите услови во кои работат, можеби е поради немањето доволно кадар, стручни лица, немање заштита. Па така, ние имаме еден систем кој е благ кон насилниците, а строг кон жртвите. Жртвата наидува на бирократија, препраќање од врата до врата, од една во друга институција. Ако известувањето од МВР во Центарот за социјални работи треба да пристигне во рок од 12 часа, тоа таму стигнува по една недела, по 10 дена, по два месеца, а некогаш не стигнува воопшто, објаснува Шапкоски.

Многу малку се изрекуваат мерките за привремена заштита. Решението е да има многу построг систем на надзор во институциите. Одговорноста мора да има име и презиме.

-Ние мора да престанеме симболично да го обвинуваме системот. Системот е составен од луѓе. Зад секое непостапување има име и презиме. Мора некој да биде одговорен, за да почне да се имплементираат законите онака како што е предвидено. Мора да има конкретно задолжено лице, засилен надзор за постапување во сите институции и засилени и ефективни казни за непостапување. Само така ќе имаме систем кој ќе функционира и само така законите и правилниците кои ги носиме ќе имаат смисла, вели Весна Шапкоски од невладиното здружение „Станица П:Е.Т.“ од Прилеп.

Според соопштението од прилепскиот Центар за социјална работа, населението е информирано дека постојат институции кои можат да ги заштитат и стекнуваат поголема доверба во институциите.

-Центарот постапува согласно Законот за превенција и заштита од семејно и родово базирано насилство и  Протокол за меѓусекторска соработка. Поднесените предлози до Основен суд Прилеп се прифатени и изречени се преложените мерки. За секое непочитување на решението од Основен суд Прилеп од страна на насилникот, Центарот поднесува кривична пријава. Како стручен тим против вршење на семејно насилство и родово базирано насилтво, ги охрабруваме жртвите да не молчат туку да го пријавуваат насилството во Центарот за социјална работа или во МВР кои што имаат свои протоколи на постапување и можат да им помагнат, соопштуваат од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп. ем/дма/

Фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан