Британскиот премиер Кир Стармер во посета на Албанија, со Рама и Бегај разговарано за стратешка соработка меѓу двете земји
- Британскиот премиер Кир Стармер, денеска претпладне пристигна во Албанија, што е прва посета на британски премиер на оваа земја.
Тирана, 15 мај 2025 (МИА) – Британскиот премиер Кир Стармер, денеска претпладне пристигна во Албанија, што е прва посета на британски премиер на оваа земја.
Премиерот Стармер ја започна својата посета во пристаништето Драч, каде се запозна со работата на албанската полиција и агентите на Британската Национална агенција за борба против криминалот (NCA) на терен.
Агенцијата ѝ помага на албанската полиција во спречувањето на трговијата со мигранти во Велика Британија преку фалсификувани документи, како и во откривањето на криминални пари што се обидуваат да се внесат во Албанија, скриени во товарни комбиња.
Првата средба во Тирана ја оствари со претседателот Бајрам Бегај, кој објави дека „се надевам и верувам дека оваа посета дополнително ќе ја зајакне нашата соработка кон стратешко партнерство“.
Со сите државнички почести потоа беше пречекан од премиерот Еди Рама.
„За прв пат во Албанија британски премиер. Почитуваниот Кир Стармер ја реализира оваа официјална посета во контекст на зајакнување на билатералните односи и стратешката соработка меѓу двете земји“, објави Рама.
Посетата на Стармер претходи на Самитот на Европската политичка заедница, кој ќе се одржи утре, 16 мај, во Тирана, која ќе биде домаќин на 55 европски лидери. вт/
Фото: кабинет на Бегај и Рама