• сабота, 28 декември 2024

Бранка Настевска од Кочани ја доби националната Награда за жена претприемач во микрокомпании

Бранка Настевска од Кочани ја доби националната Награда за жена претприемач во микрокомпании

Кочани, 23 ноември 2023 (МИА) Бранка Настевска од Кочани, сопственичка и управителка на Друштвото за производство, трговија и услуги „Настевски ЛБ“, е добитничка на годишната Награда за жена претприемач во категоријата микрокомпании, што ја доделува Националната платформа за женско претприемништво. Според податоците од Централниот регистар таа исполнила најмногу од зададените критериуми за изборот.

Наградата беше доделена на третиот Годишен самит на Националната платформа за женско претприемништво., што во организација на Здружението на бизнис-жени, а во партнерство со Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Сојузот на стопански комори на Македонија се одржува во Скопје.

-Чест ми е што меѓу многуте успешни жени во државата, годинава јас ја добив оваа наградата. Таа е признание за моето повеќедецениско макотрпно работење, главно во давањето сметководствени услуги, консалтинг и стручни совети за економско-финансиски прашања. Тоа беше тежок период за водење мал бизнис, во кој имаше многу искачувања и падови, а сепак успешно ги надминавме сите пречки и предизвици, истакна Настевска.

На самитот на тема „Жените во претприемништвото – клуч за зајакнување на економијата“, во соработка со Министерството за економија и Националната платформа за женско претприемништво беа доделени и наградите за најуспешни претприемачки за 2023 година.

Во панел-дискусијата за Улогата на националните, регионалните и локалните институции во јакнењето на женското претприемништво, учествуваше и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој ја истакна важноста на координираното дејствување на сите институции заради подобра ефикасност и ефективност на применетите мерки. та/мд/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан