Брамерц: Кампањата за негирање на геноцидот и величење на воените злосторници никогаш не била посилна
- Главниот обвинител на Хаг, Серж Брамерц, изјави дека денес на територијата на поранешна Југославија, кампањата за величење на воените злосторници и негирање на геноцидот во Сребреница е многу поприсутна, иако тој е неповратно признаен како таков, вклучително и пред Меѓународниот суд на правдата.

Виена, 11 јули 2025 (МИА) - Главниот обвинител на Хаг, Серж Брамерц, изјави дека денес на територијата на поранешна Југославија, кампањата за величење на воените злосторници и негирање на геноцидот во Сребреница е многу поприсутна, иако тој е неповратно признаен како таков, вклучително и пред Меѓународниот суд на правдата.
Брамерц изјави за австрискиот дневен весник „Стандарт“, во интервју по повод 30-годишнината од масакрот на повеќе од 8.000 Бошњаци во околината на Сребреница, оти се плаши дека во атмосферата што постои денес, лидерите на босанските Срби, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, нема да бидат уапсени и осудени за воени злосторства пред Хашкиот трибунал.
Брамерц рече дека денеска „и во Загреб и во Белград се однесуваат како да станува збор за граѓанска војна во Босна, со која немаат никаква врска, а не како меѓународен конфликт, како што беше случајот“.
Според него, вмешаноста на Србија во заеднички злосторнички потфат со цел етничко чистење е докажана во 2023 година со пресудата против поранешниот шеф на српската државна безбедност Јовица Станишиќ, додека истиот случај беше и со Хрватска со судењето на водачот на босанските Хрвати Јадранко Прлиќ, што докажа дека тој уживал поддршка од властите во Загреб за време на војната во Босна и Херцеговина.
Брамерц рече дека српските претставници протестирале минатата година против резолуцијата на ОН за Сребреница и дека тие „ширеле пресврт на улогите на жртва и сторител“, и дека „Хрватска никогаш не прифатила дека постои злосторнички потфат“.
-Размислувањето на државата таму е: ние сме само жртви, нашиот народ никогаш не можел да изврши злосторства. Десетици барања за правна помош што ги испративме до Загреб останаа неодговорени дури и по сите овие години. Но, сега, за прв пат по пет, шест години, имаме добри контакти и разговори со државниот обвинител во Загреб, откако беше назначен новиот министер за правда, рече Брамерц.
Поранешниот главен обвинител на Хашкиот трибунал, сепак, додаде дека дури и денес „во Хрватска, 80 до 90 проценти од случаите се против Срби кои не живеат во Хрватска и дека е апсолутен исклучок Хрватите да бидат гонети во Хрватска“.
Од друга страна, во Србија, според него, се гонат многу малку случаи, а минатонеделното ослободување на командантот на Дринскиот корпус, Милоје Живановиќ, кој беше обвинет за протерување на Бошњаците од Сребреница, „покажува дека обвинителството лошо си ја завршило работата“.
-Веќе повеќе од една година, Србија не може ниту да се договори за обвинител за воени злосторства. И како можат обвинителите и судиите да бидат мотивирани да работат независно, кога нивната влада јавно ги нарекува осудените воени злосторници херои, и кога е дел од добриот вкус осудените криминалци да бидат присутни на политички настани? Тоа е апсурдна ситуација, рече Брамерц.
Тој оцени дека во времето на апсењето на Младиќ и Караџиќ, ситуацијата била поинаква, дека се отворил „прозорец на можности“ бидејќи, иако 60 проценти од луѓето во Србија биле против нивна екстрадиција, 75 проценти од граѓаните биле за приклучување кон ЕУ.
-Денес е сосема поинаку. Не сум сигурен дека Караџиќ и Младиќ ќе беа уапсени денес ако сè уште беа на слобода, рече Брамерц.
Споредувајќи ја ситуацијата во врска со злосторствата во Босна и Херцеговина со онаа во Руанда, за која е одговорен и како главен обвинител на преостанатиот механизам, Брамерц рече дека во Руанда е утврдена одговорноста за злосторствата и е соочено со минатото, додека сите на Балканот ја толкуваат ситуацијата многу различно.
Тој додаде дека ова може да се види и во Дејтонскиот договор и дека „мнозинството би се согласиле дека војната завршила во Дејтон, но дека таа не донела конечен мир“. мс/
фото: МИА архива