• недела, 22 декември 2024

Бојмацалиев: Нема хаос и опструкции во управните служби, МВР точно организирало и предвидело се

Бојмацалиев: Нема хаос и опструкции во управните служби, МВР точно организирало и предвидело се

Скопје, 26 февруари 2024 (МИА) - Не е вистина дека некој нешто сменил, се работи за уште една лажна вест. Ако ги земеме бројките од 29 јануари, до денеска, ќе видиме дека на самиот ден на примопредавање имало 50.000 обрасци, потоа уште 20.000 обрасци, доаѓаат 140.000 обрасци и до крај на неделата уште 85.000 обрасци, тоа е бројка од приближно 300.000 обрасци, истакна дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во интервју за ТВ Стар, прашан дали била променета нарачката на обрасци во МВР. 

-Со тие обрасци, машините на МВР, со капацитетот кој го имаат слободно до крајот на мај, почеток на јуни секојдневно ќе може со фул капацитет по 3000 печатење, без застој... а на крај од мај, почеток на јуни ја добиваме и последната тура пасоши, од предвидени околу 2 милиони за промена на пасошите. Потенцирам уште еднаш, во службите нема никаков хаос, нема никаква саботажа, службите внатре во МВР и претходно раководени од Спасовски го планираа ова и одлично менаџирано обрасците доаѓаат навремено и граѓаните ќе бидат услужени. Пак ќе кажам, некој го користи тоа за дневнополитички поени на штета на граѓаните, рече Бојмацалиев.

Прашан колку лични документи преостануваат за промена, Бојмацалиев рече дека со старото име имало вкупно 1.803.000 пасоши, а со новото се нарачани околу два милиони., а за останатите документи додаде дека е продолжен рокот на важење.

-Возачките дозволи знаете дека го продолживме рокот. Тие можат граѓаните до крајот на годната да ги променат, тоа е помала бројка, и за личната карта важат до датумот кој  е втиснат на личната карта. Одамна е демантирана таа работа дека ќе има казнување, или нема да можат луѓето да вадат плати, пензии, таа лажна вест не успеа, посочи Бојмацалиев.  

Кога зборуваме конкретно за пасошите, додаде, во државата кога сме го правеле целиот проект за промена на личните документи, кога се завршени сите законски процедури кои траеле неколку години, опструирани од одредени политички партии, во државата има 1.803.000 граѓани кои поседуваат пасош со Република Македонија. 

-Кога е правена проекцијата за нарачката направена е на приближно 2 милиони. Досега, со овие што ќе дојдат 85.000 обрасци, ќе бидат 1.700.000. Пак ќе кажам, нема хаос, нема опструкции, има само работа од страна на МВР, од колегите во управните служби, кои искрено и посветено си ја работат целата работа во целиот овој процес, рече Бојмацалиев. вј/нд/

Фото: МВР

Остани поврзан