• петок, 22 ноември 2024

Бојко Борисов: ГЕРБ дава 59 гласа за поддршка на „францускиот предлог“ за Северна Македонија

Бојко Борисов: ГЕРБ дава 59 гласа за поддршка на „францускиот предлог“ за Северна Македонија
Софија, 22 јуни 2022 (МИА) - Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов денеска го повика претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков до Народното собрание на земјата официјално да го достави предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокада на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, на вонреден брифинг во седиштето на ГЕРБ, Борисов изјави дека Пратеничката група на неговата партија, која брои 59 пратеници, ќе го поддржи „францускиот предлог“ на пленарна собраниска седница. - Предлогот на француското претседателство со ЕУ за Северна Македонија е најдобар, рече Борисов, согласувајќи се со претходно дадената изјава на претседателот на Бугарија, Румен Радев околу предлогот на Франција. Радев претпладнево од Пловдив порача дека „францускиот предлог“ е најдобар за Бугарија, но дека бугарските политичари не треба да брзаат да прогласат историска победа, бидејќи предложените документи не даваат доволно гаранции за заштита на интересите на Софија. Борисов, од своја страна, предложи „францускиот предлог“ да биде усвоен со големо мнозинство во Народното собрание на Бугарија со поддршка на пратениците од владејачките партии Продолжуваме со промената на Петков и Демократска Бугарија (ДБ) и опозициското Движењето за права и слободи (ДПС). Според Борисов, поддршката на предлогот на француското претседателство е најдоброто решение за „иднината на Балканот, ЕУ и за Бугарија“. Борисов, при тоа, ја прочита и одлуката на Светиот синод на Бугарската православна црква со која ја признава Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и стапува во канонско единство со неа, споредувајќи го ваквото решение со ставот на ГЕРБ за поддршка на „францускиот предлог“. - Нема да останеме во темната страна на Евроазија и нема да дозволиме путинизација, дециден беше Борисов, најавувајќи дека ГЕРБ во Собранието ќе ги поддржи сите решенија од агендата на Бугарија со кои ќе се гарантира нејзината евроатлантска ориентација, како што се приклучувањето кон Еврозоната, проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан и зајакнувањето на улогата на НАТО. нк/сп/

Остани поврзан