• сабота, 23 ноември 2024

Бочварски за БНТ: Имаме сериозни активности во делот на поврзувањето на патната инфраструктура со Бугарија

Бочварски за БНТ: Имаме сериозни активности во делот на поврзувањето на патната инфраструктура со Бугарија
Софија, 26 јануари 2022 (МИА) - Имаме сериозни активности во делот на поврзувањето на патната инфраструктура со Бугарија и до средината на 2023 година ќе имаме делумно проширена и целосно обновена патна врска. На пролет започнува градбата на првите две делници за железничко поврзување во висина на инвестиција од околу 200 милиони евра, а веќе во текот на наредната недела ќе биде договорена дополнителна средба за разгледување на можностите за авионско поврзување меѓу Скопје и Софија, што ќе биде исплатливо и за авиопревозникот, но и за граѓаните, вели во интервју за БНТ министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Бочварски во интервјуто посочува дека се работи за приватен авиопревозник или приватни авиопревозници коишто би можеле да сообраќаат на релација Скопје - Софија, но без субвенционирање или потпомагање од страна на владите. - Сакаме авиопревозниците да најдат своја исплатливост во оваа линија и заради тоа сме отворени да дискутираме, да се вклучат и туристички агенции, да се вклучат и сите заинтересирани страни, бизнис комори, компании коишто имаат некаква можност за соработка помеѓу двете земји за да се најде исплатливост на оваа линија - Софија - Скопје, можеби и Тирана, Софија - Скопје можеби Атина, или која било трета релација која што ќе даде плус можност на граѓаните, на бизнис компаниите, можеби на туристичките дестинации коишто би летале преку Софија или преку Скопје до конечната дестинација на граѓаните, нагласува Бочварски. Бочварски, во интервјуто за БНР, вели дека имале одлични средби во Софија на коишто разговарале на повеќе теми, вклучително за поврзувањето по патна инфраструктура помеѓу двете земји, но и за железничката инфраструктура и отворањето на авинска линија. - Ние веќе од нашата страна работиме на изградба на нов експресен пат на една делница меѓу Ранковце и Крива Паланка. Тоа е сериозна патна врска на една многу тешка делница каде што веќе работите се движат добро и се очекува втора половина, односно средината на 2023 година да го завршиме овој дел. Паралелно со тоа вршиме и рехабилитација на целата патна врска од Куманово кон границата со Бугарија. Секако и делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир со Бугарија ќе биде целосно проширена, рехабилитирана со трета лента во тој планински превој што значи дека имаме сериозни активности во делот на поврзувањето на патната инфраструктура, вели Бочварски. Во однос на железничкото поврзување меѓу Софија и Скопје, Бочварски вели дека се работи за сериозна финансиска конструкција и дека напролет ќе започне изградбата на првите две делници, инвестиција вередна околу 200 милиони евра и дека ќе остане во 2023 година да започне со изградба и третата и последна делница. - Таа е крајната и најтешка делница помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија каде што имаме голем број на тунели, мостови коишто треба да се изградат и тоа е уште еден чекор за којшто денеска и потпишавме Меморандум за соработка каде што двете земји со сите експерти ќе се вклучат и ќе работат заеднички на граничниот премин, на тунелите и на се она кое што е комплексно во делот на градбата на оваа железничка пруга. Секое подобрување на патната врска помеѓу две земји, според Бочварски, значи и развој на економијата, развој на бизнис секторот, поврзување на компаниите, поврзување на граѓаните од двете страни на границата. - Една од темите која што исто така ја дискутиравме е граничниот премин Клепало кај Берово што значи дека тоа е уште една многу важна тема за поврзување или конекција помеѓу граѓаните. И тука имаме серија на чекори коишто бугарската страна треба да ги преземе за поврзување и отворање на уште еден граничен премин помеѓу двете земји, посочува Бочварски. Бочварски, во интервјуто, вели дека Коридорот 8 е сериозно прашање, стратегиски важно за целиот регион и за Европа, затоа што ја поврзува оската Исток – Запад, од Драч (Албанија) преку Струга - Охрид - Скопје, па се до Бугарија и Црното Море. - Тоа е многу значајна оска и заради тоа треба да направиме максимум што е возможно, тоа е нашата задача како министерства за транспорт и врски на двете земји, секако и на Албанија за да оваа оска час поскоро да ја започнеме да ја градиме и да ја завршиме. Ние потпишавме и Меморандум заедно трите земји, но сега треба да конкретизираме и да влеземе во решавање на сите клучни точки за да овој процес се движи побрзо. Финансиската конструкција е делумно обезбедена и работиме на дообезбедување на сите оние финансиски средства коишто се потребни, објаснува Бочварски во интервјото. аа/сп/

Остани поврзан