• недела, 22 декември 2024

Босна и Херцеговина: Сè поголема побарувачка за странска работна сила

Босна и Херцеговина: Сè поголема побарувачка за странска работна сила

Сараево, 29 август 2024 (МИА) - Во Босна и Херцеговина во 2023 година издадени се 2.449 работни дозволи, кои се пресметуваат во одобрената квота за работни дозволи за вработување странци од страна на Советот на министри на БиХ, од кои 579 се продолжени работни дозволи, а 1.870 дозволи за ново вработување, пренесува Анадолија.

Овие податоци се дел од Годишниот извештај за реализација на одлуката за утврдување на годишната квота за работни дозволи за вработување странци во Босна и Херцеговина за 2023 година, кој на предлог на Министерството за цивилни работи на БиХ денеска го усвои Советот на министри на БиХ.

Министерката за цивилни работи на БиХ, Дубравка Бошњак, изјави дека овие податоци покажуваат дека Босна и Херцеговина сè повеќе има потреба од работна сила од странство и дека министерството ќе ги следи потребите на пазарот и барањата на работодавачите при донесувањето на идни одлуки за квотите за работни дозволи при вработување странци.

Според одлуката на Советот на министри, годишната квота за продолжување и ново вработување на странци во Босна и Херцеговина за 2023 година изнесуваше 3.995 работни дозволи, а искористени се 2.449.

Доколку се споредат издадените работни дозволи со предложената квота за 2023 година, исполнетоста на квотата за вкупно издадени работни дозволи на странски државјани во БиХ е 61 процент, што е повеќе од претходната година. Во 2022 година, исполнетоста на квотата изнесуваше 51 процент.

Годишните квоти за издавање работни дозволи се одобруваат по дејности. Најмалку пополнети беа во секторите на преработувачката индустрија (50 проценти), хотелскиот и угостителскиот сектор (68,7 проценти) и останатите услужни дејности (85,7 проценти), додека во останатите дејности пополнетоста на квотата се движеше од 95 до 98 проценти.

Според земјите на потекло, најмногу странци кои работеле во БиХ во 2023 година се од Република Турција, Република Србија, Непал, Бангладеш и Индија. Најголем раст во однос на минатата година е забележан кај државјаните на Пакистан, Непал и Бангладеш. ссм/

фото: архива

Остани поврзан