• сабота, 16 ноември 2024

Борел: Страдањето на цивилите во Газа нема да ја зголеми безбедноста на Израел  

Борел: Страдањето на цивилите во Газа нема да ја зголеми безбедноста на Израел  

Брисел, 22 јануари 2024 (МИА) - Страдањето на цивилното палестинско население во Газа нема да придонесе да се порази Хамас и неговата идеологија и нема да му донесе поголема безбедноста на Израел, изјави вечерва високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по завршувањето на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, на кој главни теми беа состојба во регионот на Блискиот Исток и руска агресија врз Украина.     

- Затоа заедно со нашите меѓународната партнери мораме да ги удвоивме напорите и да преминеме од оваа сложена конфронтација кон мировно решение, додаде Борел, посочувајќи дека европските шефови на дипломатии имале одвоени средби со израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац, потоа со нивните колеги од Саудиска Арабија, Фајсал бин Фархан Ал Сауд, на Египет, Самех Шукри и на Јордан, Ајман Сафади и со генералниот секретар на Лигата на арапски држави, Ахмед Абул Геит и на крајот со министерот за надворешни работи на Палестинската автономна управа, Ријад ал Малики, со кои разговарале за случувањата во поширокиот регион на Блискиот Исток. 

Борел посочи дека на Советот е постигната согласност дека целосно се поддржува Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) и е испратена јасна порака оти се неприфатливи критиките на нејзината работа од страна на некои израелски владини претставници, а исто така е изразена и поддршка на Палестинската автономна управа. 

Тој нагласи дека на средбата е разговарано за обнова на политичкиот процес по завршување на конфликтот во Газа, за решението на конфликтот според моделот за создавање на две држави и во тој контекст пред земјите членки, за внатрешна дебата, ја претставил идејата за сеопфатен пристап за обнова на мировниот процес и предложил организирање подготвителна мировна конференција.  

- Јасно е дека денес приоритет на која треба да ја посветиме нашата енергија е хуманитарната страна на проблемот. Многу земји членки јасно му посочија на израелскиот министер дека Израел мора да обезбеди побрза достава на хуманитарната помош за луѓето во Газа. Приоритет е да им се помогне на луѓето што се во екстремно тешко ситуација, да запрат воените активности и бомбардирањето, да се ослободат заложници и да се избегнат цивилни жртви, изјави Борел. 

Тој нагласи дека тоа им било јасно пренесено на сите денешни соговорници, а пред се на израелскиот министер Кац, додавајќи дека сепак сегашните приоритети не значат дека не треба да се размислува за изнаоѓање на мировно решение на подолг рок. 

- Затоа доставивме иницијален предлог мировен план кој треба да постави на силни безбедносни гаранции за Израел и за идната независна држава Палестина, рече Борел. 

Тој додаде дека има повеќе мировни иницијативи, како од арапските земји, така и од САД, кои се добре дојдени за постигнување на конечната цел, па дури и ако Израел има друг предлог постои подготвеност и тој да биде разгледан. 

- Мислам дека треба да престанеме да зборуваме за мировен процес на Блискиот Исток и да почнеме конкретно да разговараме за процес со решение за две држави. Никој не е против мирот, но тука говориме за сеопфатен процес, потенцира Борел. 

На новинарско прашања во врска со ставот на израелскиот министер за предлогот за решение по моделот на две држави, кој претходно беше отфрлен од страна на Израел, Борел изјави дека Кац им презентирал две „интересни видеа“, кои имаат малку врска со тоа за што разговарале, за изградба на вештачки остров покрај бреговите на Газа како некакво пристаниште и за железничко поврзување на Блискиот Исток со Индија.  

- Мислам дека министерот треба подобро да го користи своето време и да се фокусира на безбедноста на неговата земја и на големиот број жртви во Газа, додаде Борел. 

Тој најави и дека е постигната и начелна согласност за воведување на санкции кон екстремните еврејски доселеници на Западниот Брег и изрази надеж дека наскоро ќе биде договорена и рамката за овие рестриктивни мерки. 

На средбата станало збор и за состојбата во реонот на Црвеното Море, при што се усогласени принципите за формирање на европска поморска мисија, а сега останува само да се постигне консензус за нејзин старт.  

Тој посочи дека ниту една земја членка не се спротивставила на мисијата, но сепак останува да се усогласат некои детали околу нејзините цели и задачи, како и за тоа која држава ќе раководи со неа. 

Во однос на состојбата на Украина, тој посочи дека продолжувањето на руската агресија врз земјата претставува закана за безбедноста на Европа, додавајќи дека според она што ги информирал украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба преку видео конференциска врска, нема промени на бојното поле. 

Според Борел, Русија има значителни загуби и во пресрет на претседателските избори во март на кој очекува реизбор, рускиот претседател Владимир Путин продолжува со напади со ракети и дронови, но не постигнува воени успеси, пред се во реонот Црното Море.  

- Министрите се согласија дека сега не е момент да ја намалиме поддршката за Украина, туку да направиме повеќе и побрзо со финансиски средства, воена опрена, со обука на украинските војници и со се она што им е потребно да Украинците за одбрана, додаде Борел. 

Тој најави дека во текот на првата или втората недела на февруари ќе замине во посета на Украина, изразувајќи надеж дека до тогаш ЕУ ќе постигне договор за помош на земјата во рамки на Европската мировна рамка за да може да се воспостави Фондот за поддршка на Украина. 

- Пред земјите членки претставивме нон-пејпр за тоа како би функционирала Европската мировна рамка во следниот период и сите министри се согласија дека тоа е добра основа, истакна Борел. 

Во однос на користењето на замрзнатите руски активи, Борел посочи дека е постигнат политички договор да се финализира работата за ова прашање и изрази надеж дека наскоро ќе има конечно решение меѓу земјите членки. 

Министрите разговарале и за азербајџанско-ерменските односи, при што е упатен повик до Азербејџан да се врати на мировните преговори со Ерменија и е изразена загриженост поради изразените територијални претензии од страна на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев. 

- Неприфатливи се какви било нарушувања на територијалниот суверенитет на Ерменија и тоа би имало последици врз нашите односи со Азербејџан, додаде Борел. 

Дополнително, Советот на листата на санкционирани поради случувањата во Сирија додаде шест физички и пет правни лица. Станува збор за економски советник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, тројца бизнисмени кои го поддржуваат режимот во Дамаск и две лица поврзани со семејството Асад. Петте компании, обвинети за поддршка на режмот се „Ал-Диџеј Груп“, „Шам Вингс“, „Фрибрд Травел Ејџенси“, „Илома Инвест Прајват ЈСЦ“ и „Ал Акила“, од кои некои се осомничени за трансфер на сириски платеници, трговија со оружје или со наркотици или за перење пари. 

На санкционираните им се замрзнува имотот во ЕУ, а на поединци и субјекти од Унијата им се забранува директно или индиректно да им обезбедуваат или ставаат на располагање средства или економски ресурси. Дополнително на физичките лица им се забранува патување во ЕУ 

Во одлуката се нагласува дека Сирија и натаму е високо меѓу приоритети за ЕУ, во услови кога конфликтот трае повеќе од една деценија и претставува извор на страдања и нестабилност за сирискиот народ и регионот, а режим продолжува со политиката на репресија. ЕУ повторува дека единствениот пат кон одржлив мир за Сирија е политичко решение во согласност со резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации. сп/

Фото: ЕБС

 

Остани поврзан