• недела, 22 декември 2024

Борел му ја честиташе победата на Аревало на претседателските избори во Гватемала

Борел му ја честиташе победата на Аревало на претседателските избори во Гватемала

Брисел, 21 август 2023 (МИА) – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел денеска му ја честиташе победата на Бернардо Аревало на вчерашниот втор круг од претседателските избори во Гватемала.

- ЕУ му честита на народот на Гватемала за мирното учество во вториот круг од претседателските избори во неделата на 20 август и за силната посветеност на демократијата покажана во текот на целиот процес. Во очекување на конечното објавување на официјалните резултати, исходот од гласањето е веќе многу јасен. ЕУ им честита на победничкиот претседателски кандидат Бернардо Аревало и кандидатката за потпретседател Карин Херера, наведува Борел во пораката.

Тој натаму потенцира дека ЕУ го поздравува фактот што гватемалскиот претседател во заминување Алехандро Џаматеј го призна резултатот и ја прифати потребата за мирна транзиција и трансфер на власта што треба да се случи на 14 јануари 2024 година. 

- Од клучно значење е сите државни институции и сите сектори на општеството да дадат поддршка и да се приклучуат кон овие напори што се во интерес на земјата, додава Борел.

Потенцирајќи дека ЕУ е долгогодишен партнер на Гватемала, Борел ја реафирмира целосна поддршка за демократското владеење во земјата, како „неопходна основа за напорите на властите да продолжат со одржлив и инклузивен развој и социјална правда“. 

Високиот претставник на ЕУ потсетува и дека како дел од својата поддршка на Гватемала и на нејзината демократија, Унијата испрати сопствена Набљудувачка мисија за изборите (ЕОМ), предводена од европретеникот Жорди Кањас.

Според Борел, Мисијата уште утре ќе излезе со прелиминарна изјава за текот на изборниот процес, а во рок од два месеци ќе објави конечен извештај за проценка на усогласеноста на изборите со меѓународните и регионалните стандарди и со препораки за идните изборни процеси.

Според неофицијалните резултати од вчерашниот втор круг од претседателските избори во Гватемала, Аревало, кој беше кандидат на социјалдемократското Движење Зрно (Семила) освои 60,9 отсто од гласовите, а неговата противкандидатка Сандра Торес од конзервативната Национална унија на надежта (УНЕ) доби 39,1 проценти од гласовите. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан