• понеделник, 23 декември 2024

Борел: Мора да обезбедиме поддршка за Украина на долг рок 

Борел: Мора да обезбедиме поддршка за Украина на долг рок 

Брисел, 14 ноември 2023 (МИА) - Направивме многу за поддршка на Украина, но треба да направиме уште повеќе и побрзо, бидејќи мора да сфатиме дека помошта за земјата мора да биде на долг рок, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност по заседанието на Советот за надворешни работи на ниво на министри за одбрана на земјите членки на Унијата. 

- Министрите разговара за итноста од зајакнување на нашата воена поддршка на Украина и за итните потреби на украинската армија за одбрана од руската агресија. Тоа значи противвоздушна одбрана, обука на пилоти на Ф-16, зимска опрема, бидејќи е јасно дека војната ќе продолжи и во текот на зимата, како и муниција, истакна Борел.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој истакна дека во рамки да досегашната обука на припадниците на Вооружените сили на Украина завршен е тренинг на над 30.000 украински војници. 

- Добрата обука значи спасување на повеќе животи и ќе продолжиме со тренинг на уште 10.000 војници во следниот период, рече Борел. 

Тој истакна дека на средбата е разговарано и за Рамката за безбедносна посветеноста на Украина, што би требало да биде претставена на Самитот на ЕУ во декември, потсетувајќи дека околу усогласувањето на нејзината содржина делегација на Унијата на почетокот на декември ќе отпатува за Киев. 

Високиот претставник нагласи дека Унијата останува поставена на целта за производство на еден милион парчиња муниција и иако можеби таа изгледа премногу амбициозна, сепак нема отстапување од неа и блокот ќе продолжи со напорите за нејзино остварување. 

- Досега реализиравме една третина од поставената цел и повеќе од 300.000 прачиња муниција се доставени. Тие потекнуваат од резервите или се обезбедени со пренамена и промена на приоритетите, истакна Борел, потенцирајќи дека од земјите членки е побарано да ги промената приоритетите во производството на муниција и голем дел од него да го пренасочат кон Украина.  

Според него, на европската одбранбена индустрија треба да и се обезбеди јасна перспектива и предвидливост и да и се каже што ЕУ очекуваме од неа, со склучување на договори за набавка на муниција и зголемување на нејзините производни капацитети. Во тој контекст, Борел најави дека на почетокот на следната година, ЕУ ќе презентира Стратегија за одбранбената индустрија. 

На средбата станало збор и за Капацитетот за брзо распоредување на ЕУ (РДЦ), чија цел е Унијата да има на располагање 50.000 војници, кои се подготвени за итна реакција во случај на кризна ситуација и чија целосна оперативност се очекува во 2025 година. Тој потсети дека веќе се одржани првите вежби на овие сили во Шпанија и Германија, а во моментов се работи на опремување на штабот на Капацитетот во Брисел. 

Во делот на темата посветена на мисиите и операции на ЕУ е разговарано за состојбата во реонот на Сахел и Гвинејскиот Залив, како и за Мисијата на Унијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, која, според Борел, е апсолутно неопходна за гарантирање на стабилноста и сигурност на земјата. 

Борел информира дека на средбата е усвоен и Планот за развој на капацитетите (ЦДП) на Унијата за 2023 година. 

- Тој е особено важен затоа што наведува што им е потребно на армиите на ЕУ во иднина. Претходниот План е усвоен во 2018 година, пред пет години, и од тогаш не е награден, а ризиците и предизвиците се значително променети. Се е променето, додаде Борел. 

Според него, затоа овој План е уште повеќе важен за да гарантира дека европските армии ќе можат да одговорат на новото стратегиско опкружување.

Борел информира дека заседанието започна со работен појадок на министрите со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг со кога разговарале за соработката меѓу ЕУ и Алијансата за зајакнување на отпорноста на критичната инфраструктура во Европа, по последните безбедносни инциденти со енергетската и телекомуникациската инфраструктура во Балтичкото Море. сп/

Фото: ЕБС

 

Остани поврзан