• петок, 30 август 2024

Борел: ЕУ сака да обучи повеќе украински војници, но останува поделена околу тоа дали да обезбеди поддршка во самата Украина

Борел: ЕУ сака да обучи повеќе украински војници, но останува поделена околу тоа дали да обезбеди поддршка во самата Украина

Брисел, 30 август 2024 (МИА) - Европската унија сака да обучи повеќе украински војници, но останува поделена околу тоа дали да обезбеди поддршка во самата Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

ЕУ веќе постави цел да обучи околу 60.000 украински војници оваа година, но со жестоките борби кои продолжуваат во земјата разурната од војна, унијата сака да направи повеќе.

„Ќе разговараме за тоа како да ја зголемиме нашата мисија за обука на украинските војници. Размислуваме да имаме координативен центар во Украина, но нема договор за обука на украински војници на украинска територија со европски инструктори, истакна Борел за новинарите во Брисел пред состанокот на министрите за одбрана на ЕУ.

Прашањето ги подели 27-те земји-членки на ЕУ. Неколку земји, вклучувајќи ги Естонија, Франција и Шведска, поддржуваат обука на војници во Украина, но други земји, вклучително и Унгарија, стравуваат дека таквиот потег може да доведе до ескалација на конфликтот.

Франција ги шокираше своите сојузници претходно оваа година кога претседателот Емануел Макрон рече дека не ја исклучува можноста за испраќање западни трупи во Украина, иако тој призна дека нема консензус за преземање таква акција.

Министрите ќе разговараат за обновување на европската мисија за обука на украински војници, но во сегашниот текст не се споменува нејзино спроведување на украинска територија, изјави дипломат на ЕУ.

Борел повторно ги повика земјите на ЕУ да ја забрзаат испораката на оружје за Украина, по апелот вчера на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

„Од јуни беа направени многу ветувања, особено во однос на воздушната одбрана и во услови на масовни напади врз Украина и украинските градови... Јасно е дека ќе мора да реагираме“, рече Борел. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан