• недела, 22 декември 2024

Болоња со одличен гест кон покојниот Михајловиќ

Болоња со одличен гест кон покојниот Михајловиќ

Болоња, 16 февруари 2024 (МИА) - Фудбалскиот клуб Болоња направи одличен гест кон својот поранешен тренер Синиша Михајловиќ со тоа што му ја исплати платата до крајот на договорот. Ова го откри неговата сопруга Аријана, која му се заблагодари на клубот за поддршката по смртта на Србинот на крајот на 2022 година. 

Иако се разболе од леукемија, стручњакот го водеше тимот до септември истата година, а договорот му истече минатото лето.

- Синиша не ја очекуваше разделбата со клубот и не ја прифати добро. Тој рече дека не сака да се откаже, туку да продолжи да се бори. Во Болоња, пак, направија поинаков избор и не можам да ги обвинам за тоа. Сепак, клубот ја плаќаше платата на мојот сопруг до самиот крај на договорот. Тоа беше извонреден гест што ми даде сигурност во моментот на дезориентација. Мене никогаш не ме заборавија претседателот на Болоња, Сапуто, како и Бергамини, Фенучи, Маркети и Ди Вајо. Имав одличен однос и со Сабатини. Ова е посебен клуб и град. Тие беа во нашите срца и пред болеста, а после неа се претвори во длабока љубов, изјави Аријана за „Ил Месеџеро“.

Таа, исто така, призна дека отишла кај терапевт за да ја преболи смртта на нејзиниот сопруг. 

- Специјалистот кај кој одам еднаш ми рече: „Или ќе станеш и ќе живееш за своите деца, или ќе се откажеш“. Нема да негирам: ништо повеќе не е исто. Имам големи синови и прекрасна внука. Сакам да живеам. Се гледам со пријателите и се справувам со работите за кои беше одговорен Синиша. Да, имам тешки моменти, но ги надминувам, благодарение на помошта на моите деца, додаде г-ѓа Михајловиќ. дс

Фото: Фејсбук/ФК Болоња

Остани поврзан