Боливиските власти тврдат дека не се нарушени правата на Анес
- Владата на Боливија демантира дека се повредени правата на поранешната привремена претседателка Жанин Анес, која на 21 август се обиде да се самоубие во затвор
Ла Паз, 23 август 2021 (МИА) - Владата на Боливија демантира дека се повредени правата на поранешната привремена претседателка Жанин Анес, која на 21 август се обиде да се самоубие во затвор.
Директорот на затворот Хуан Карлос Лимпиас изјави дека медицинскиот персонал ја лекува Анез и оти е известено семејството за нејзината состојба.
Тој додаде дека и е дозволено на синот на Анес да спие во затворот се додека не се опорави поранешната претседателка.
Анес е во затвор по истрагата за случајот наречен државен удар. Таа може да биде осудена на максимум 30 години затвор за злосторства против човештвото, извршени за време на нејзиниот мандат како шеф на државата по државниот удар.
Истрагата покажала дека десетици цивили се убиени, а многумина загинале и се повредени како резултат на воените и полициските операции наредени од владата на Анес во периодот од 2019 и 2020 година, злосторства против човештвото биле извршени во градовите Сакаба, Кочабамба и Ел Алто. Поранешната вршителка на должноста претседател на Боливија беше приведена на 13 март во врска со истрагата за случајот со државниот удар, во кој беше обвинета за тероризам, поттикнување немири и заговор. Заедно со неа беа уапсени неколку министри и поранешни команданти на армијата, морнарицата и воздухопловните сили. Анес, од своја страна, тврди дека е жртва на политички прогон. Во ноември 2019 година, поранешниот боливиски претседател Ево Моралес поднесе оставка поради протестите поддржани од војската против неговиот реизбор. Анес, која тогаш беше заменик-претседател на Домот на сенаторите, соопшти дека ќе ја преземе функцијата шеф на државата до одржување на нови избори и ќе назначи свој совет на министри. Изборите се одржаа во октомври 2020 година и сојузникот на Моралес, Луис Арсе беше избран за претседател. ми/