• сабота, 21 декември 2024

Божиновска: Ќе набавуваме електрична енергија на подолг рок

Божиновска: Ќе набавуваме електрична енергија на подолг рок

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) - Во следните седум дена ќе го правиме енергетскиот биланс. Ги гледаме состојбите, односно колку електрична енергија ќе ни недостасува. Ќе гледаме да набавиме на малку подолгорочен рок, односно нема да купуваме недела однапред енергија бидејќи тогаш е навистина многу скапо, информира денеска министерската за енергетика Сања Божиновска. 

-Капацитетите на РЕК Битола не се во најдобра кондиција и не можеме да сметаме на сите три блока, тоа го наследивме и свесни сме дека е од 1984 година. Затоа ќе направиме струја за четвртиот квартал и евентуално за првите три месеци од 2025 година. Цените сега на берза се околу 100 евра за мегават час што значи дека иако има војна, нема некои енормни поместувања на цените на електрична енергија досега, рече Божиновска во одговор на прашање на денешниот отчет за 100 дена Влада. 

Следните седум дена, прецизира, ќе направиме точен енергетски биланс и се надеваме дека ќе ги имаме точните бројки за потребна електрична енергија.

-Тоа зависи исто така и од хидрометеорологијата. Моментално исполнетоста во акумулациите е само околу 24 проценти што воопшто не е во ред, меѓутоа ако е ноември дождлив може да се наполнат. Што се однесува за финансии со премиерот имаме дискутирано и имаме добри шанси да набавиме финансиски средства. Се уште немаме точно разговарано, меѓутоа ќе бидат од домашните банки, рече Божиновска.

Прашана дали ќе поскапи производната цена на електричната енергија на ЕСМ од 1 јануари идната година, а со тоа и цената што ја плаќаат граѓаните, рече дека финалната цена се состои од повеќе импути, меѓу кои и цената на електрична енергија од ЕСМ. 

-Ќе работиме за најдобар интерес за граѓаните. Никој не би сакал да види поскапување на електричната цена, меѓутоа тука влегуваат и трошоците од МЕПСО, значи не е само цената на ЕСМ. Ние ќе ја дискутираме цената и ќе видиме колку проценти ќе се понудат. Како што знаете минатиот пат претходната влада понуди 85 проценти, па потоа ние понудивме уште 15 проценти на универзалниот снабдувач, така што во ноември би требало да се разјаснат овие работи. Има време уште за тоа, прецизира Божиновска.

За долгот од 60 милиони евра што го направи минатата влада кон ЕВН поради неплаќањето на субвенционираниот дел од цената на струјата за граѓаните во нивните сметки, рече дека разговараат со ЕВН.

-Само што не известија за долгот, свесни се за состојбата на буџетот. Кажаа дека ова не е нешто што треба да се врати за една или за две години, дека се спремни да дискутираме. Знаат и свесни се дека тоа ќе биде долгорочно, што значи не само од енергетиката ние ќе ги собереме и сите наследени долгови и заедно како Влада ќе видиме колку е потребно финансиски за да можеме да ги вратиме и да ги сервисираме долговите. Меѓутоа буџетот е во лоша состојба и допрва сега ќе го правиме буџетот за следната година. Така што, сето ова ќе видиме како ќе излезе на крај, посочи Божиновска. вј/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан