Божиновска од бизнис форумот Италија – Македонија: Зелената транзиција веќе почна – и Македонија води
- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска, во рамки на бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, ги презентираше плановите и резултатите во доменот на обновливите извори на енергија, укажувајќи дека земјата веќе е препознаена како лидер во регионот со над 1000 MW инсталирани капацитети. Тоа, рече, не е случајност, туку резултат на сериозни реформи и инвестиции во државни капацитети и во партнерство со приватниот сектор.
Скопје, 2 јули 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска, во рамки на бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, ги презентираше плановите и резултатите во доменот на обновливите извори на енергија, укажувајќи дека земјата веќе е препознаена како лидер во регионот со над 1000 MW инсталирани капацитети. Тоа, рече, не е случајност, туку резултат на сериозни реформи и инвестиции во државни капацитети и во партнерство со приватниот сектор.
-Заклучно со 2024 година, во земјата функционираат вкупно 1 494 електроцентрали на обновливи извори со комбинирана инсталирана моќност од 1 663 MW, што претставува 56 отсто од вкупната инсталирана електроенергетска моќност во државата. Особено е забележителен порастот на фотонапонските централи, чиј удел во производството постојано расте. Меѓу клучните државни проекти што ги најави Божиновска се изградбата на сончева електрана од 200 MW, нов ветерен парк во Миравци од 100 MW, како и проширување на ветерниот парк „Богданци“. Таа го најави и почетокот на нови приватни инвестиции, меѓу кои ветерниот парк на „Алцазар Енерџи“ со капацитет од 400 MW и соларниот парк „Стипион“ на „Акуо Енерџи“ од Франција со планирани 360–400 MW, истакна Божиновска на пленарната сесија и панелот посветен на енергетската транзиција и циркуларната економија.

Министерката подвлече дека се воведува ново стратешко планирање преку новиот Закон за енергетика, кој предвидува годишни и долгорочни планови за развој на нови капацитети, со цел да се обезбеди предвидливост и стабилност и за државата и за инвеститорите.
-Без силна и модерна енергетска мрежа, капацитетите од обновливи извори нема да можат да се интегрираат. Затоа инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа се наш апсолутен приоритет, рече Божиновска, најавувајќи нов 10-годишен план за развој на мрежата и воведување на батериски системи за складирање на енергија како задолжителен дел за сите нови капацитети.
На форумот се дискутираше и за нови можности за италијанските компании во областа на енергетиката и инфраструктурата, а беа отворени теми за регионално поврзување, заеднички проекти и засилување на јавните и приватните партнерства во духот на зелената транзиција.
Бизнис форумот, како што беше нагласено на отворањето, става акцент на продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји, со фокус на инвестиции во инфраструктурата и енергетиката. мч/дма/
фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини