Божиновска: Македонија поблизу до енергетска ефикасност преку Фондот на Светска банка
- Претставниците на Светска банка ја информираа министерката и за тековната имплементација на проектите за енергетска ефикасност што се работат на ниво на државата и на ниво на општините. Се разговараше и за можностите за идни проекти, а со цел зајакнување на соработката и постигнување на посакуваните резултати.
Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска имаше работна средба со претставници на Светска банка.
Во фокусот на разговорите, како што соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беа енергетската ефикасност и заложбите на Македонија да постигне енергетска независност и трансформација кон обновливи извори на енергија, како и можностите и придобивките што ги нуди Фондот за енергетска ефикасност и соработката со Светска банка на ова поле.
На средбата, експертите за енергетика од Светска банка - Адитја Лукас, Редон Беголи и Иван Крофак, ја презентираа финансиската рамка на Фондот за енергетска ефикасност, потенцирајќи ги придобивките и значењето на овој фонд за постигнување на целите на Македонија.
Претставниците на Светска банка ја информираа министерката и за тековната имплементација на проектите за енергетска ефикасност што се работат на ниво на државата и на ниво на општините. Се разговараше и за можностите за идни проекти, а со цел зајакнување на соработката и постигнување на посакуваните резултати.
На средбата беше потврдена заложбата на Светска банка во континуитет да пружи помош и финансиска, техничка и организациска поддршка од областа на енергетиката, а со цел обезбедување брза зелената транзиција на македонскиот енергетски сектор.
Учесниците на состанокот уште еднаш ја потврдија досегашната одличната соработка и заложбите за нејзино понатамошно продлабочување, стои во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Светска банка, соработувајќи со македонските институции, врши Систематската дијагностика за земјата со цел да ги идентификува најкритичните препреки и можности за да се промовира заеднички просперитет на одржлив начин.са/
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини