• понеделник, 23 декември 2024

Богата забавна-едукативна програма на првиот „Ohrid water festival“

Богата забавна-едукативна програма на првиот „Ohrid water festival“

Охрид, 21 август 2023 (МИА) - Со концерт на поп-пејачот Ѓоко Танески денеска започнува богатата забавно-едукативна програма на големата промотивно спортска манифестација „Ohrid Water Festival“, во чии рамки се предвидени и 17 спортски настани. Концертот почнува во 20 часот пред платото на хотелот „Палас“ каде ќе се одржуваат сите настани од забавно-едукативнaта програма на фестивалот, во периодот од 19 до 23 часот.

Програмата продолжува утре со изложбата „Флора и фауна од Охридско Езеро“, во организација на Клубот за подводни дејности „Охрид“, додека во организација на Нуркачкиот клуб „Акватек“ ќе се одржи изложбата „Потонато културно-историско богатство“. За музичкиот дел од вечерта ќе се погрижи диџеј Ванчо Плеј.

За в среда од 10 до 14 часот ќе биде организиран отворен ден во Јавната научна установа Хидробилошки завод. Во 20 часот ќе се одржи панел-дискусија на тема „Охридското Езеро-валоризација на вредностите како пат кон идните бенефити“исто така во организација на Хидробилошкиот завод. Во рамки на музичкиот дел од вечерта, ќе настапи диџеј Багзи.

На 24 август ќе бидат поставени изложбите „Почетоците на веслањето во Охрид“ во организација на ВК Горица Ремо - Петар Паунче Скитник, како и „Победници на Охридскиот пливачки маратон низ времето“ во организација на Пливачкиоот клуб „Охридски Бранови 2008“. Посетителите вечерта ќе ги забавуваат „Балканикос Бенд“ и „Жармена Бенд“.

Изложбата „Рибите од Охридското Езеро“ ќе биде поставена за посетителите на 25 август и истата е во организација на Здружението на риболовци „Св. Апостол Петар“. Истиот ден во организација на ОФВ и SLOW FOOD Охрид ќе се одржи промоција на охридска и македонска традиционална храна и пијалоци. Предвидена е и промоција на водени спортови. За добрата атмосфера ќе се погрижи ди-џејот Rootboy Selector.

За 26 август кога е предвидено одржувањето на Охридскиот пливачки маратон, програмата предвидува промоција на охридска и македонска традиционална храна и пијалоци и промоција на водените спортови. За музичкиот дел задолжен е  „Ансамбл Билјана“.

Првото издание на спортската манифестација „Ohrid Water Festival“ завршува на 27 август со концерт на Камерниот битолски оркестар „Рок Симфонија“.

Сите настани од социјално-едукативната програма ќе се одвиваат пред платото на хотелот „Палас“ и се  бесплатни за посетителите.

Што се однесува на спортските содржини, две третини од нив се олимписки дисциплини. Во рамки на фестивалот ќе се одржат и веслачка, кајакарска и едриличарска регата, трка со кајчиња, водени лудории, подводни активности. аб/цр

Фото: плакат

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан