Писателката Боба Ѓудерија за МИА: Јас сум како стара машина за перење – изгледа истрошено, но кога ќе почне центрифугата, тоа е лудило
- „Не само во пишувањето, туку и во животот воопшто, најважна е автентичноста. До неа е потешко да се стигне отколку што би се помислило. Понекогаш сум убедена дека автентичноста е нешто со кое се раѓаш. Во спротивно, целиот живот само се трудиш и ги имитираш оние што ја имаат“, вели популарната хрватска писателка.
Скопје, 4 јануари 2026 (МИА) -
Бранка Д. НАЈДОВСКА
Боба (Слободанка) Ѓудерија е хрватска писателка, колумнистка, блогерка и поетеса родена во 1963 година во Шибеник, а од 1965-та живее во Сплит. Своите први јавни литературни објави ги има на блогот „Марчелина“ и како авторка на хумористични текстови во хрватски медиуми. Нејзиниот стил често е духовит, интимен, и врзан со секојдневни теми, а понекогаш е опишуван како посебен жанр („бобизам“).
До сега ги има објавено насловите „Марчелина“, „Се јавувам во врска со работата“, „Марчелина – не ви кажав се“, „Да не се фрли“, „Југо на Чиово“....
Накусо, Боба Ѓудерија е современа хрватска авторка која низ своите текстови ја бележи реалноста на секојдневниот живот, особено од перспектива на жената и генерацијата која растеше во Хрватска во последните децении.
Кога сфативте дека обичната секојдневица има доволно материјал за цела книжевна кариера?
-Не би рекла дека станува збор за некој прецизен момент на осознавање. Едноставно, отсекогаш сум го набљудувала светот околу себе со широко отворени очи и уши. Запишувањето на сè што сум видела и слушнала потоа дојде како логична последица.
„Бобизмот“ е свесна поетика или нуспојава од премногу размислување со кафе?
-Можеби комбинација од двете.
Дали прво пишувате за Вие да се насмеете, па дури потоа читателите, или редоследот е обратен?
-Кај мене нема баш многу предумисла.
Постои ли текст што сте го напишале, а подоцна сте помислиле: „Ова можеби требаше да го задржам за себе“?
-Не постои, но постои едно интервју за кое би сакала да не сум го дала. Прашањата беа премногу интимни, а јас одговарав послушно, како да морам.
Што е полесно да се напише, текст од три страни или една реченица што „погодува“?
-Тоа зависи од количината и силата на инспирацијата во моментот на создавање на текстот (или реченицата).
Сплит ви е инспирација или постојана дистракција?
-Долги години ми беше инспирација. Денес е како поранешен, стар љубовник – се сеќавам зошто сум го сакала, но речиси ништо од тоа веќе не е тука. Сепак, тоа не ме спречува понекогаш повторно да му се враќам. Страста е тоа.
Дали средната возраст е прашање на бројка или на состојба на духот (и ’рбетот)?
-Некој паметен рекол: „Проблемот со стареењето е во тоа што, всушност – не старееме“.

Зошто на жените често не им се дозволува истовремено да бидат духовити и сериозни?
-Јас не сум наидувала на таков тип проблем. А мојата публика знае дека можам да бидам и едното и другото и тоа го почитува.
Што е искреноста во пишувањето денес? Храброст или луксуз?
-Мислам дека, не само во пишувањето, туку и во животот воопшто, најважна е автентичноста. До неа е потешко да се стигне отколку што би се помислило. Понекогаш сум убедена дека автентичноста е нешто со кое се раѓаш. Во спротивно, целиот живот само се трудиш и ги имитираш оние што ја имаат.
Постои ли тема за која и понатаму се очекува жените да молчат, дури и во литературата?
-Мислам дека денес жените повеќе не ги интересира што се очекува од нив. Фала му на Бога за тоа.
Кога би морале својот опус да го опишете со еден домашен предмет, кој би бил тоа и зошто?

-Можеби стара машина за перење – изгледа истрошено, но кога ќе почне центрифугата, тоа е лудило.
Дали пишувањето е терапија или само доказ дека терапијата не помогнала?
-Не мислам дека пишувањето е терапија. Пишувањето е, пред сè, потреба. Понекогаш таа потреба може да делува терапевтски, но тоа не е она што го очекувам од моето пишување.
Што Ви е потешко, да исфрлите добар текст или лоша навика?
-Лоша навика, секако.
Што сè уште најмногу Ве радува во пишувањето, а што најмногу Ве нервира? И зошто тие две работи често одат заедно?
-Ме радува кога ќе напишам добра реченица. И кога ќе ги насмеам луѓето, кога ќе се препознаат во моите текстови. А ме нервира кога ме прашуваат: „Дали тоа навистина се случило?“
На што работите сега, можете ли да ни го откриете насловот или барем концептот на Вашата следна книга?
-Да, овие денови ми излегува нова книга, збирка раскази. Насловот е „Никогаш не го запрев возот“. Издавач е „Наклада Фрагмент“ од Сплит.
Во кој жанр моментално се чувствувате најмотивирано – во прозата, поезијата или нешто трето?
-Секогаш во прозата. Поезијата ми се случува, како ненадејно заљубување.
Дали она што сега го пишувате ќе биде посмело или поинакво во однос на досегашниот „бобизам“?
-О, да. По оваа нова збирка, се фаќам за еден роман што одамна сакам да го напишам. Тоа ќе биде сè, само не „бобизам“.
Фото: Еди Матиќ