• понеделник, 23 декември 2024

Блупринт групата ја поздравува одлуката на Управниот суд за поништување на одлуката за разрешување од функција на поранешната претседателка на Судскиот совет

Блупринт групата ја поздравува одлуката на Управниот суд за поништување на одлуката за разрешување од функција на поранешната претседателка на Судскиот совет

Скопје, 16 јануари 2024

Управниот суд постапувајќи по тужбата на поранешната претседателка на Судскиот совет на РСМ против нејзино незаконско разрешување, донесе одлука У-5 бр. 618/2023 од 14.12.2023 година, со која одлучи дека одлуката за разрешување е незаконита, без образложени причини и без докази, како и без наведување на законски одредби по кои била спроведена постапката. Управниот суд со пресудата утврди дека во Законот за Судски совет на РСМ никаде не е наведено дека Советот има надлежност да одлучува за изгласување недоверба на претседател на Советот, ниту за разрешување само од функција претседател на Советот, без претходно спроведена постапка за утврдување на одговорноста.

Со оваа одлука Управниот суд ги потврди ставовите и реакциите на Блупринт групата што ги имаше изминатиот период во однос на случувањата во Судскиот совет на РСМ, особено реакциите и апелите упатени кон Советот за незаконитото разрешување на тогашната претседателка Дамева.

Блупринт групата посочуваше за арбитрарно постапување на членови на ССРСМ поради непостоење на законски и правни основи за разрешување од функцијата претседател на Советот. Дополнително, Блупринт посочуваше и на правила за изгласување на таквата одлуката на Советот, што според Законот, по однос на постапката за утврдување на одговорност на член на Советот членот што ја иницирал постапката нема право да учествува во гласањето за утврдување на одговорност.

Со одлуката на Управниот суд на РСМ, уште еднаш се потврди дека Судскиот совет во изминатиот период беше тело кое работеше спротивно на законот и со тоа се загрози неговата легитимност, на која постојано потенцираше Блупринт групата, универзитетските професори, правните експерти, како и дел од дипломатскиот кор.

Потсетуваме дека почитувањето на законот при секојдневното работење на една институција треба да е императив во нејзиното работење, особено што во конкретниот случај тоа се однесува на Судскиот совет на РСМ. Тие стандарди посебно треба да се однесуваат на Судскиот совет на РСМ кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт согласно Уставот на РСМ, гарантирање на законитоста во постапувањето и владеење на правото.

Блупринт група за реформи во правосудството:

· Македонско здружение на млади правници (МЗМП)

· Институт за европска политика (ЕПИ)

· Институт за човекови права (ИЧП)

· Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)

· Хелсиншки комитет за човекови права

· Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)

 

Лице за контакт: Александра Цветановска, Македонско здружение на млади правници, acvetanovska@myla.org.mk, 075 427 735

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан