• вторник, 24 декември 2024

Блинкен ги предупреди ОН да не се залажуваат со повиците за примирје кое ќе ја засили Русија

Блинкен ги предупреди ОН да не се залажуваат со повиците за примирје кое ќе ја засили Русија

Њујорк, 24 февруари 2023 (МИА) - Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска го предупреди Советот за безбедност на ОН да не се залажува со повиците за привремен или безусловен прекин на огнот во Украина, велејќи дека само „праведен и траен“ мир нема да дозволи Русија да се санира, вооружи и да ја продолжи агресијата.

-За мирот да биде праведен, тој мора да ги содржи принципите што се во темелите на Повелбата на ОН: суверенитет, територијален интегритет, независност. За мирот да биде траен, таа мора да обезбеди Русија да не може само да се одмори, да се вооружи и за неколку месеци или за две години повторно да ја почне војната, рече шефот на американската дипломатија пред 15-члениот Совет за безбедност на ОН, што се состана на годишнината од почетокот на руската агресија врз Украина.

Предупредувањето на Блинкен доаѓа само неколку часа откако Кина повика на прекин на непријателствата со нејзиниот план од 12 точки што во голема мера го повторува тоа што Пекинг го кажува од почетокот на, како што Русија го нарекува „специјална воена операција“.

-Секој мир што го легитимира насилното руско грабање територии ќе ја ослаби Повелбата (ОН) и ќе испрати порака до потенцијалните агресори дека можат да ги нападнат земјите и да се извлечат од тоа, рече шефот на американската дипломатија.

Генералното собрание на ОН вчера со големо мнозинство гласаше за резолуција со која се повикува Русија да ги повлече своите трупи од Украина и за „сеопфатен, праведен и траен мир“ во согласност со основачката Повелба на ОН.

Ниту еден член на овој Совет не треба да повикува на мир додека ја поддржува војната на Русија против Украина и Повелбата на ОН, рече Блинкен, кој ја обвини Кина дека размислува да и испорача оружје на Русија и го предупреди Пекинг да не го прави тоа.

Од почетокот на инвазијата западните сили ја снабдуваат Украина со оружје вредно повеќе милијарди долари. Кина вчера пред Генералното собрание изјави дека „испраќањето оружје нема да донесе мир во Украина“. сд/

Остани поврзан