• понеделник, 23 декември 2024

Битка за да се спаси животот на младиот кит во близина на атинското крајбрежје

Битка за да се спаси животот на младиот кит во близина на атинското крајбрежје
Атина, 28 јануари 2022 (МИА) – Нуркачи, спасувачи и ветеринари се обидуваат да му помогнат и да го спасат животот на младиот, повреден кит што рано утрово беше забележан во близина на една од плажите во Атина, на само неколку метри од брегот, јави дописничката на МИА од Атина. Според Министерството за животна средина и енергија на Грција, станува збор за млад кит од видот Зифиус (Ziphius cavirostris), има сериозни повреди на муцката и површни рани на кожата и е во критична состојба. Ветеринарите веќе зедоа примерок од крв за посебни прегледи за да се утврди евентуално постоење на други патолошки проблеми, а на китот дадена му е и терапија и инфузија. Китот е постојано во вода, во неговата природна средина, а според организацијата „Арион“, конкретниот цицач не може да се транспортира и побараа од граѓаните да не го вознемируваат, бидејќи се бори за живот. Во акцијата за спасување на животот на китот учествуваат ветеринари од два грчки институти, нуркачи и неколку организации за заштита на животните, а присутен е и заменик-министерот за животна средина Јоргос Амирас, кој рече дека конкретниот вид на китови живее во голема длабочина од еден до три километри и со фактот што сега се наоѓа на само неколку метри од брегот, значи дека постои голем проблем. ср/сд/

Тагови

Остани поврзан