• недела, 22 декември 2024

Битиќи: Реконструкција на зградата на „Македонска пошта“ со европски фондови

Битиќи: Реконструкција на зградата на „Македонска пошта“ со европски фондови

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави денеска дека реконструкцијата на зградата на „Македонска пошта“ ќе биде со европски фондови, и очекува во догледно време да има предлог до Владата.

На новинарско прашање по денешното отворање на доградбата на објектот „Кокиче“ во состав на ЈОУДГ „Весели цветови “ во општина Кисела Вода, заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во врска со апелите на евроамбасадорот Дејвид Гир да не се дозволи да пропадне зградата, Битиќи кажа дека веќе има формирано работна група.

-Евроамбасадорот во суштина бара да бидеме малку побрзи. Инаку, се работи, има работна група помеѓу Министерството за култура и „Македонски пошти“ за да се види начинот, како е возможно од друга институција да се инвестира во дел од објектот на „Македонска пошта“. Мислам дека се во финална фаза на елиминирање на правните недостатоци, што не овозможуваа досега да се интервенира и оти во догледно време, ќе дојдат со предлог до Владата и веќе да почне да се реализира инвестицијата. Инаку, таа ќе биде преку европски фондови, што, едноставно сакаат да ни помогнат, тоа што е културно наследство, да го зачуваме, истакна Битиќи. бд/нд/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан